Достапни линкови

Владимир Глигоров, Виенски институт за меѓународни економски истражувања. Македонија треба да поднесе апликација за членство во ЕУ


Господине Глигоров, во Македонија сеуште трае дебатата околу најавите на владата за поднесување кандидатура за членство во ЕУ, сигналите што ги добивме од Брисел се дека сеуште не ги исполнуваме стандардите, па така преовладува мислењето дека сепак сеуште е рано да се размислува во таа насока. Што мислите вие?

Мислам дека би било добро ЕУ да го забрза тој процес во кој, земјите од западен балкан се прифатени како кандидати. Без оглед на тоа што во овој момент можеби не ги исполнуваат стандардите, но заради тоа што со тоа што се отвораат определи други механизми на приближување до ЕУ, бидејќи таа кандидатура не би го забрзала зачленувањето во ЕУ, бидејќи стандардите за зачленување би требало да бидат исполнети во секој случај, ама подруги механизми на односи со ЕУ би биле воспоставени, што мислам дека би било добро и за ЕУ, особено за земјите од Западен Балкан, а пред се мислам дека тоа би било од голем интерес за Македонија. Од таа гледна точка, мислам дека е добро и мислам дека Македонија треба да поднесе кандидатура за членство.

Но, со оглед на реакциите од Брисел, отворена поддршка, каква, на пример, доби Хрватска за нас нема. Напротив јасно е посочено дека сеуште е рано затоа што може да не ни се допадне одговорот што ќе го добиеме. Во таа смисла колкав е ризикот да добиеме негативен одговор?

Мислам дека тоа треба да се испита пред самата одлука да се предаде барање за членство. Но, мислам дека тој ризик не треба да е толку голем, зашто мислам дека ЕУ не би морала да даде негативно мислење, туку би можела да даде мислење што го условува позитивното мислење со одредени дополнителни услови што треба да се исполнат. И во тој случај мислам дека тоа би било за Македонија, бидејќи постои потреба да се забрза целиот тој процес на трансформација на македонската политичка ситација и економска ситуација и интеграција во ЕУ е единствен процес кој што навистина може да ги забрза тие текови во Македонија.

Се наоѓа ли Македонија всушност во невозможна ситуација. Од една страна, за кандидатура е потребно исполнување стандарди. Но, за тие да бидат исполнети неопходна е сериозна помош од Брисел токму преку давањето на статус на земја кандидат?

Па, тоа е спор што јас го имав и со ЕУ. Мислам дека тие две работи не се независни. Мислам дека способноста на Македонија да ги исполни тие услови зависи и од тоа до која мерка е потпомогната од ЕУ. Ако Македонија како што беше случај десет години и повеќе е оставена на страна или дури трпи притисок по некои работи од ЕУ, тогаш сигурно дека трансформацијата или подобрувањето на перформансите не можат да бидат бог знае какви. Јас ги разбирам тие критички тонови кои викаат ние не сме спремни, или не сме за тоа, или ние сме инвалиди итн, меѓутоа точно е дека стабилноста на Македонија зависи во определена смисла, целиот опстанок на македонската држава зависи од тоа дали Македонија ќе биде интегрирана во ЕУ и од таа гледна точка ми се чини доколку тој аргумент би можел на добар начин да се претстави во Брисел, тоа по мое мислење би требало да биде сфатено. Ако се сеќавате, една таква неприлика имаше и кога се потпишуваше и договорот за стабилизација и асоцијација. Иако во тој момент можеше да се аргументира дека Македонија не е спремна за договорот, ама ЕУ сфати дека потпишувањето на тој договор има големо значење за стабилноста на Македонија. Истиот аргумент, по мое мислење важи и сега. Многу полесно ќе се исполнат тие услови ако Македонија има потесен процес на соработка со ЕУ, од тој што го овозможува постоечкиот договор за стабилизација и асоцијација. Не сум песимист кога станува збор за можноста да се најде разбирање за такви работи во Брисел.

Во одговорите на европските дипломати кога станува збор за најавите за македонската апликација секогаш се потенцира солунската декларација. Што е во основата на овој документ и што според вас ние би можеле да очекуваме, каков одговор?

Суштината на она што беше заклучено во Солун е дека Западниот Балкан е кандидат, не во формална смисла, но дека е кандидат и тоа со позитивен исход за членство во ЕУ. Значи, нема дилема дека ЕУ ќе ја интегрира Македонија во ЕУ. Таа дилема не постои од Солун наваму. И во тој конктекст, Хрватска поднесе барање за кандидатура и што значи дека исто таква постапка е отворена и за Македонија. Проблемот и за Хрватска и за Македонија е што еден од главните услови сигурно кога ќе се разгледува таа пријава е да се види што о до колку се исполнети условите кои се веќе дел од договорот за стабилизација и асоцијација. Тоа ќе биде клучен тест. И може да дојде и за Хрватска и за Македонија, поголема е можноста за Македонија, одговор од Брисел дека треба да се уште поработи на исполнување на условите од постоечкиот договор, за да се добие позитивен одговор на апликацијата. И тоа, по мое мислење, не би бил лош резултат и би можело да биде одговор што може да се добие од Брисел.

Претставниците на македонската влада кога говорат дека треба да се поднесе таа апликација за членство го потенцираат значењето на пристапот до структурните фондови. Колку е точно мислењето дека без тој пристап, кој е можен само за земји кандидати всушност приближувањето на унијата не може да се реализира?

Не, тоа се претерувања. Тие структурни фондови по мое мислење не се клучни. Клучно е да се дојде до еден однос со ЕУ, каде ЕУ скоро секојдневно ја третира Македонија како земја која треба да врши промени во институционална смисла, пред се, не толку во актуелни економски перформанси, туку повеќе во институционална гледна точка, тоа е по мое мислење клучот. Зашто тогаш станува збор за потполна промена на политичката агенда во Македонија. Тоа значи секоја седница на влада треба да почне со тоа што е направено да се исполнат барањата или кои закони треба што побрзо да се имплементираат за да се исполнат барањата од Брисел. Тоа по мене е клучно, финансиската страна на целата работа не е толку значителна без оглен на фактот дека парите секогаш помагаат.

И за крај, господине Глигоров, неодамна на средбата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е потврдена усогласеноста во аспирациите во Унијата, како го оценувате значењето на ова меѓупартиско усогласување?

По мое мислење ова е пример како целата дебата за евро интеграции може позитивно да влијае на позитивните текови во земјата, бидејќи сите проблеми ќе се гледааат во тој контекст. Тоа е чекор напред, меѓутоа тој процес мора да се забрза бидејќи без тоа по мое мислење внатрешната стабилност на Македонија може секогаш да биде проблем.
XS
SM
MD
LG