Достапни линкови

Почна акцијата за доброволно предавање на нелегалното оружје


Нелегалното оружје ќе се предава во вкупно 123 пункта, колку што брои општини нашата земја. Сите политички партии и институции во земјава изразија поддршка на акцијата за разоружување. Единствено ДПА, која и покрај поздравувањето на акцијата ги повика своите градоначалници да не се вклучуваат во неа, бидејќи таа била преуранета. Градоначалниците од клучните делови од земјата, што беа опфатени од оружениот конфликт 2001 година се од редовите на ДПА. Претседателот на регионалната комисија еден, што опфаќа девет општини од скопскиот регион, Мирко Симовски вели:

„Се е во ред, еве јас сум баш на терен, разнесуваме некои материјали и така. За сега ниту еден од одредените претседатели не ја одбил соработката.“

Според различни податоци, се проценува дека во Македонија постојат 100 до 500 илјади парчиња оружје:

„Бројот на нелегалните парчиња оружје се движи околу 100 илјади и покрај тоа што во јавноста се пласираат информации дека има 200, 300 или 600 парчиња, сепак тоа се нереални бројки искажани без здрава основа. Постојат точно определени и верификувани методи за утврдување на бројот на нелегалното оружје којашто може да варира со точност од 20 насто,“

изјави Владимир Пандовски од националната асоцијација за оружје.

По завршувањето на акцијата, која ќе трае 25 дена предвидени се ригорозни казни за лицата кај кои ќе биде пронајдено нелегално оружје. Казните од пет до десет години важат и за лицата коишто поседуваат дозвола. Тие не смеат да го носат оружјето со себе:

„Според тоа ќе почнат активности на МВР за проверки по сите такви јавни места, било кој да носи оружје,“

соопшти министерот за внатрешни работи Хари Костов. Акцијата за доброволно предавање на оружјето ја поздравија и сите меѓународни мисии во земјава, а неа ја разгледуваат претставници на евромисијата „Конкордија“, ОБСЕ и ЕУ.

„Сега е време да го заборавите оружјето. Иднината на земјата нема да биде решавана со оружје. По рамковниот договор отворен е патот кон ЕУ и НАТО, а за да го изодите не ви е потребно оружје,“

изјави специјалниот претставник на ЕУ во Македонија Алексис Брунс.

Клучни се првите три – четири дена од акцијата за таа да успее, сметаат дел од експертите кои препорачуваат дека слични акции треба да се организираат и во иднина.
XS
SM
MD
LG