Достапни линкови

Чешко-германската граница европски пазар на детска проституција


Чешко германската граница е вистински пазар на детската проституција во Европа. Ова се наведува во најновиот извештај на германската канцеларија на УНИЦЕФ во кој се додава дека децата најчесто на ваков чекор се принудувани од своите родители.

Дванаесет годишниот Карел сиромаштијата го натерала во проституција. ,,Пред тоа, бидејќи немавме пари дома, просев од германските туристи. Сега се возам со нив,, вели Карел кој е само едно од големиот број момчиња и девојчиња кои живеат од проституција на чешко германската граница. Овој регион, според најновиот извештај на УНИЦЕФ, стана рај за германските, австриските и италијанските педофили. Секоја година таму се упатуваат околу сто илјади таканаречени секс туристи. Авторите на извештајот под наслов ,,Деца на улица,, од илјада деветстотини девеесет и шестата година следеле петстотини деца при што дошле до заклучок дека многу често самите родители ги тераат на проституција. Освен од сиромашните чешки и словачки семејства, овој пазар го пополнуваат и организираните криминални банди кои носат деца од Молдавија, Литванија Белорусија, Украина и Русија. Во извештајот се додава декана границата можат да се забележат жени кои им ги нудат своите деца на секс туристите за приосечна тарифа од дваесетина евра.

„Најмладите деца се навистина малечки и се нудат за проституција на самите улици. Ова повеќе е исклучок. Најмногу од децата се меѓу девет и четиринаесет години.“

Вели Хелга Кун претставник на германскиот УНИЦЕФ наведувајќи дека владите на Чешка и на Германија мора да преземат мерки за спречување на оваа појава. Но, чешкиот премиер Владимир Шпидла изјави дека извештајот не се засновува на реални и вистински информации, а претставници на министерството за внатрешни работи во Прага отидоа уште понатаму велејќи дека тој бил резултат на напорите на невладините организации да си ги зголемат финансиските фондови.

„Ни чешкото министерство за внатрешни работи, ни полицијата не откри некаков доказ кој покажува дека детската проституција се проширила во Чешка. Дури ни најновата рација во голем број бордели на го потврди тоа.“

Изјави портпаролот на министерството Марие Масарикова. Во минатиот месец четири илјади полицајци извршија упади во петстотини јавни куќи и ноќни клубови што беше оценето за најголема акција против проституцијата во историјата на Чешка.

„Тоа можеби е затоа што тие барале на погрешни места. Детската проституција најчесто не се одвива во бордели, туку на улица и по приватни апартмани.“

Објаснува Хелга Кун која во врска со чешките негирања дека полицијата не открила никакви докази за ширењето на овој вид проституција во земјата.
XS
SM
MD
LG