Достапни линкови

Персонални измени нема да донесат ништо, главен проблем нефункционирање на системот


Реконструкцијата во парламентарните демократии е легитимен потег што е резултат од сумирањето на работата на владата и барањето на одговорност за лошите резултати. Но, во Македонија овој потег е доведен на ниво на политички фолклор, затскривање на вистинската одговорност и купување време:

„ Се работи во голем дел за тактизирање, како да е задоволување на јавноста поради општото незадоволство коешто нели се гледа и по анкетите што се прават. Се зборува дека не се работи за лошата работа на некои министри, туку едноставно за тактички потег за да се оправда лошиот успех на владата,“

вели публицистот Ибрахим Мехмети. Проблемот во Македонија е системски и тој не се решава само со замена на едни министри со други вели политикологот Ѓорѓи Иванов:

„Затоа постои собранието како законодавна власт, кое треба по редот на нештата да ја контролира извршната власт. Кај нас ние изградивме систем, нашите политичари да се недопирливи бидејќи се заштитени од партиските лидери и оставивме сами да преземаат одредени мерки кои ја влошуваат и онака тешката состојба, а за тоа да не одговара никој. Имаме проблеми коишто се чисто системски. Самиот систем е доведен до ниво на блокада, со што не може да функционира.“

Иванов се согласува дека со медиумското покривање на персоналните решенија како дневно атрактивна тема, всушност се одвлекува вниманието од прашањето на одговорноста за работењето на комплетната владина гарнитура:

„ Пуштен е зајакот и некој треба да го брка, народски кажано, да се најде виновник за лошата состојба.“

Кога станува збор за најавената реконструкција според Мехмети, таа говори:

„Има недостаток на визија актуелната влада, а не дека се работи за некакви конкретни работи коишто ќе треба да се решат со реконструкцијата. Се бара да се добие време, да се даде надеж, дека со нови луѓе да се остварат визиите коишто ги има владата, но јас гледам дека во конкретниов случај недостасуваат визиите.“

Сево ова за свој резултат го има губењето на вербата кај луѓето во нов квалитетен почеток што реконструкцијата како чин би требало да го предизвика

„Имаме една мачнина токму од тактизирањето и балансирањето, чувањето мир во куќата, што се вели. Половина од населението во Македонија е во апатија. Тоа што се прави е карикатура од демократија веќе.“
XS
SM
MD
LG