Достапни линкови

Дали САД ја водат исправно војната против тероризмот?


Американскиот државен секретар Доналд Рамсфелд човек со самодоверба кој ги водеше силите во ирачката војна, по се изгледа за прв пат признава дека Вашингтон можеби на погрешен начин ја води војната против тероризмот. Аналитичарите велат дека во неговата порака испратена до советниците на Пентагон има песимизам и можеби обид за извлекување од обвинувањата доколку ситуацијата во Ирак и натаму се искомпликува.

Ја добиваме или ја губиме глобалната војна против тероризмот? Ова е клучното прашање кое Доналд Рамсфелд им го поставува на неговите најблиски советници во Пентагон. Одговорот, како што јавува дописникот на Радио Слободна Европа од Вашингтон Џефри Донован, е се чини далеку од јасен. Рамсфелд, имено бара од замикот секретар Пол Волфовиц, кој се смета како главен архитект во политиката кон Ирак, да размислува за нови начини за победа во војната против тероризмот. Тој во пораката вели дека Соединетите Држави евентуално ќе победат но тоа ке биде долга и тешка работа. Тед Карпентер од Като институтот во Вашингтон го коментира тонот на пораката на Рамсфелд.

„Пред се воочлив е големиот песимизам. Сметам дека многу набљудувачи се изненадени. Секретарот изгледа дека сега е посвесен за тешкотиите во војната против тероризмот и пост воената окупација во Ирак отколку пред неколку месеци.“

Државниот секретар за одбрана Рамсфелд се прашува дали Пенатгон може да биде преобликуван доволно брзо за да одговори на терористичката закана. Рамсфлед во пораката елаборира дека сака да нагласи оти во борбата против теророт треба се инволвираат и многу други фактори освен воениот.

„За тоа е потребно време и користење на сите елементи на националната моќ за да се справиме со глобалната војна против тероризмот. Тоа не е само Пентагон, тука е и министерството за финансии, едукација на луѓето кои се тренирани да бидат терористи.“

Рамсфелд се прашува зошто не се преземе нешто со формирање приватни фондови да се смени во образованието во исламските земји посочувајки на исламските мадрашки училишта во Пакистан каде што се учи анти-американизмот. Критичарите на Бушовата администрација велат дека таа премногу се потпира на воениот елемент и дека војната против теророт бара поинаков комбиниран пристап, ефективна дипломатија, полиција, разузнавање и социјална политика. Пензионираниот генерал Весли Кларк, кандидат на демократите на претседателските избори идната година, вели дека Рамсфелд всушност го признал тоа што тие го знаат веќе извесно време, а тоа е дека Бушовата администрација нема план за Ирак и долгорочна стратегија против тероризмот. Многу независни експерти и европски влади пред војната во Ирак велеа дека американската интервенција само ќе и помогне на Ал Каеда и на другите исламски групи во регрутирањето нови членови. Пентагон тоа го отфрлаше, но испадна дека тероризмот и насилството во повоен Ирак докажуваат дека тие беа во право. Аналитичарот Карпентер вели дека верува оти пораката на Државниот секретар Доналд Рамсфелд е обид да се дистанцира од потсекретарот Волфовиц и другите советници. Според таа логика, тој може да биде поштеден од обинувањата доколку ситуацијата во Ирак и натаму се влошува.
XS
SM
MD
LG