Достапни линкови

Негативен став кон најавите на Македонија за поднесување апликација за члество во ЕУ


Продолжување на меѓународното присуство, стабилизање на демократијата и реформи се препораките што данскиот премиер Андерс Расмунсен ги носи во Скопје за време на неговата кратка посета на земјава. Меѓутоа, посетата на данскиот премиер во рамките на неговата балканска турнеја е интересна поради советот што го дава во интервју за „Дневник“ во време кога Македонија размислува за поднесување апликација за членство во ЕУ до крајот на годинава. Тој вели:

„Не мислам дека е мудро да се поднесе кандидатура, затоа што постои ризик да добиете одговор што нема да ви се допадне.“

Со ваквиот став, шефот на данската влада практично станува првиот европски претставник кој јавно на Македонија и го кажува ставот на една европска членка. Во меѓувреме, другите евро-дипломати воздржани. Секоја земја членка на Унијата може различно да реагира на вашите најави. Во Брисел не постои усвоен став за македонската амбиција да поднесе апликација, вели специјалниот претставник на Солана во Македонија, амбасадорот Алексис Брунс.

„Времето за испраќање за писмото за кандидатура е прашање за кое секоја земја одделно треба да одговори врз основа на сопствените параметри. Но, доколку решите да ја испратите апликацијата треба во неа да ги објасните причините зошто тоа до правите. Како што знаете клучниот услов за Македонија е рамковниот договор, така што мислам дека главниот дел од ова писмо, доколку решите да го испратите треба да се однесува на прогресот направен во спроведувањето на договорот,“

вели амбасадорот Брунс нагласувајќи дека без усвоен пакет закони за децентрализација, размислувањето за поднесувањето апликација за кандидатура е беспредметно.

Ризикот од добивање негативен одговор од Брисел, според Владимир Грлиогоров од Виенскиот Институт за економски истражувања треба да биде пресметан, но тој не е така голем. Еден од можните одговори што Македонија може да ги добие од Унијата е условување на добивањето статус на земја кандидат, со она што веќе е направено во реализацијата на постоечкиот договор за стабилизација и асоцијација:

„Може да дојде одговор од Брисел дека треба уште повеќе да се поработи на исполнување на условите од постоечкиот договор, за да се добие позитивен одговор на апликацијата. И тоа по мое миселење не би било лош резултат и мислам отприлика дека тоа може да биде и став што ќе дојде од Брисел.“
XS
SM
MD
LG