Достапни линкови

Дводневна донаторска конференција за Ирак


Во Мадрид денеска започна дводневната донаторска конференција за Ирак. Пресметано е дека за повоената обнова на таа земја која со години беше под санкции на меѓународната заедница ќе требаат пеесет и пет милијарди долари. Една третина од овие средства ќе биде покриена од Соединетите Држави. Преостанатите планирани пари тешко дека ќе бидат собрани со оглед на политичките несогласувања околу воената операција во Ирак.

Вашингтон би сакал да ги остави настрана поделбите околу оправданоста на воената интервенција за соборување на Садам Хусеин и да се фокусира врз повоената изградба на Ирак. Но, противниците на ирачката војна: Франција, Германија и Русија јасно ставија до знаење дека не се подготвени да го простат или да го заборават тоа и на мадридската конференција испратија делегации на ниско ниво. Само Шпанија, Италија и Јапонија се претставени од нивните министри за надворешни работи. Помошникот американски државен секретар Ким Холмс вели дека последната резолуција усвоена во Советот за безбедност на Обединетите Нации бара конкретна акција за помош на Ирак.

„Се надеваме и очекуваме секоја земја која гласаше за резолуцијата да ја поддржи и нејзината имплементација не само со зборови туку и суштински.“

Целта на донаторската конференција е да се соберат пеесет и пет милијарди долари. Соединетите Држави веќе ветија дваесет милијарди, но тие пари ќе бидат ефектуирани преку американскиот фонд за реконструкција на Ирак. Донациите на другите земи се очекува да одат преку фондот на Обединетите Нации и Светската Банка чии први луѓе Кофи Анан и Џејмс Волфенсон исто така учествуваат на конференцијата во Мадрид. Ваквата поделба го зголеми сомневањето кај земјите за транспарентноста на трошењето на нивните донирани пари.

„Верувам дека двата ривалски фондови за обнова на Ирак ја компликуваaт ситуацијата и тоа треба да биде спречено од страна на Соединетите Држави. Многу европски земји ќе вршат притисок нивните компании да ги добиваат договорите за Ирак. Тоа ќе го отвори патот за политички битки меѓу владите што воопшто не е добро.“

Вели експертот Најл Гардинер. Досега за обновата на Ирак се донирани три милијарди долари и тоа од Соединетите Држави и нивните сојузници во ирачката војна. Европската Унија во минатата недела соопшти дека ќе издвои 235 милиони долари, додека Германија и Франција веќе обелоденија дека немаат намера да даваат дополнителни средства за Ирак. Инаку, она на што засега може да се смета се уште петте милиони долари кои ги вети Светската Банка.
XS
SM
MD
LG