Достапни линкови

Европската музичка мисла повеќе нема џез комплекс


Пет фестивалски вечери со по два концерта во официјалната програма и еден во пополноќната, тематски структуирана програма со акцент на европскиот џез, стилска разновидност која се движеше од традиционалниот до латино џезот, бразилската музика, португалското фадо и се до она што во мигов е озаглавено како фјучр џез, тоа со неколку збора е квалитативот за ова издание на една од најсилните музички манифестации не само во земјава, туку и во пошироки рамки. Репутацијата е оправдана со настапите на Италијанците Пино Минарфра Суд Ансамбле и Енрико Рава квинтет, триото на францускиот басист Хенри Тексие, Дејвид Мареј Латин биг бенд, различноста со посегањето по бразилската музика и концертите на Чико Сезар и особено Жоао Боско, езотеричноста со вокалните изведби на Кристина Бранко - вистинската наследничка на големата португалска легенда Амалија Родригез и настапот на веројатно најдобрата и најпровокативната џез пејачка на денешнината Марија Жоао со нејзиниот верен придружник пијанистот Марио Лагиња, а исчекорот е сторен со електронските визии на следбениците на Мајлс Дејвис - трубачите Ерик Трифа од Франција и посебно Нилс Петер Молваер од Норвешка. На петте дена и ноќи исполнети со џез и духовно освојување на слободата во времево на силни атаци на примитивизмот во срединава во која опстојуваме, ги бележиме и пројавите на саксафонистот Карло Актис Дато, составот на словенечкиот гитарист Само Шаломон - Орнетолоџи квартет, триото разулавени саксофони Броцман, Густафсон, Вандермарк, Унгарците Елемер Балаж груп и македонските претставници: пијанистот Симон Киселички со своите придружници или Беневентан трио.

Се заедно, вљубениците на џезот како сеуште најслободната музичка форма, независно од тоа дали го претпочитаат традиционализмот и оние кои повеќе се склони кон експериментите, ја имаа можноста да ги наполнат батериите, да ги преиспитаат ставовите во однос на сопствените поимања на стилот, да согледаат дека европската музичка мисла го нема повеќе комплексот од онаа во земјата на неговото содавање и да уживаат. Токму и по тоа ќе сотане да се памети ова 22 издание на Скопскиот џез фестивал.
XS
SM
MD
LG