Достапни линкови

Глобалната војна против тероризмот причина за промена на погледот на САД кон Балканот


За разлика од растечкото мислење во Европа дека Соединетите Држави го губат интересот за Балканот, угледната американска приватна организација за геополитички анализи Стратфор проценува дека Вашингтон сосема поинаку го валоризира регионот денес отколку во изминативе децении. Клучната причина за пресвртот е глобалната војна против тероризмот. Во таа светлина, според претседателот на Стратфор Џорџ Фридман, Соединетите Држави ќе го оценуваат однесувањето на балканските земји.

Водечкиот аналитичар на Стратфор во интервју за Радио Слободна Европа објаснува зошто во најновата анализа на оваа организација се тврди дека Балканот е едно од запоставените подрачја на американската војна против теророт што сега главно се води во Авганистан, Ирак, Блискиот Исток.

„Сите спомнати подрачја се важни за Соединетите Држави. Но, постои и друга страна на судирот, а тоа е Ал Каида со своите сојузници. Тие ќе дејствуваат во региони каде што Америка е помалку ангажирана. Моментално Соединетите Држави се помалку присутни на Балканот и оттаму мислам дека таму можеме да очекуваме засилување на активностите на Ал Каида.“

Говорејќи за многубројните теории на заговор околу американското ангажирање на Балканот во изминатива деценија Фридман оценува:

„Сите теории на заговор се погрешни, бидејќи нивните автори не сфатија дека интервенцијата на Соединетите Држави на Балканот, ма колку таа таму изгледаше голема, од американски поглед беше прилично минорна. Бројот на ангажираните војници беше мал. Мотивите на Вашингтон немаа некаква врска со генералната стратегија, туку со внатрешната политика и односите со европејците.“

Фридман, објаснувајќи зошто се случија нападите врз Америка ако се имаат предвид тврдењата дека Соединетите Држави интервенираа на страна на муслиманите на Балканот вели:

„Тоа е затоа што најголемиот геноцид во Босна врз муслиманите се случи пред американската интервенција. Според интерпретацијата на муслиманите, Соединетите Држави го допуштија геноцидот и дури потоа се ангажираа.“

Во врска со решавањето на конечниот статус на Косово, претседателот на Стратфор Џорџ Фридман смета дека станува збор за Гордиев јазол чие размрсување не смее да се одолговлекува.



„Круцијален е фактот дека на подолг рок Србија останува главен политички и воен фактор во регионот. Таа може да се заузда со сегашните европски и американски сили на теренот. Но доколку тие сили се повлечат, положбата на Србија веќе нема да зависи од американците и европејците, туку од намерите на Белград и неговите односи со соседите. Долгорочно гледано нема решение без договор на Србија со соседите. Југославија беше решение, бидејќи србите се најдоа во широка федерација. Независноста е атрактивна за многу држави во регионот, но со неа доаѓа и одговорноста за воспоставување односи со Србија. До сега примарно решение за земјите како Македонија и Босна беше да им се обратат на Америка и Европа за воспоставување на тие односи. Таквото решение нема да биде стабилно. Начинот да се размрси Гордиевиот јазол е или во создавање конфедерација во која мора да се признае дека Србија е главен фактор или да се формираат сојузништва со цел Србија да се блокира. Сегашното решение, според кое, надворешните сили ја зауздуваат Србија, долгорочно гледано, не е разумно,“

смета Џорџ Фридман во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG