Достапни линкови

logo-print

Од петок започнува програмата за разоружување на авганисатнските борци


Обединетите Нации соопштија дека в петок ќе ја започнат долгорочната програма за разоружување на сто илјади авганистански борци. Програмата стартува со скромен пилот проект со цел да се разоружаат илјада борци во авганистанската провинција Кундуз.

Станува збор за програма која ќе чини над четириесет милиони долари и покрај предавањето на оружјето предвидува и реинтеграција на припадниците на вооружените групи и нивно враќање кон цивилниот живот. Кристофер Ленгтон, експерт за Авганистан и Русија во Меѓународниот институт за стратегиски студии со седиште во Лондон вели дека е многу важно овој проект да започне пред стартот на работата на Лоја Јирга во декември годинава.

„Нешто ќе стартува. Но тоа е многу мало и пред Лоја Јирга со цел на ова законодавно тело да му се даде некакво чувство дека може да спроведува демобилизација, разоружување и рехабилитација на милитантните борци. Потребно е тоа да започне што поскоро, бидејќи е важно за безбедноста на земјата во иднина.“

Но, Ленгтон вели дека е скептичен во шансите за успех на проектот за доброволно разоружување. Според планот на Обединетите Нации, почетниот успех во Кундуз ќе придонесе за спроведување на слични проекти и во другите авганистански провинции. Меѓународната кризна група во најновиот извештај вели дека процесот на разоружување е неопходен како прв чекор кон политичките реформи во Авганистан. Имено, како што се додава, без тоа не ќе можат да бидат остварливи главните цели на меѓународната заедница во таа земја – донесувањето на уставот и спроведувањето демократски избори планирани за идната година. Како што е познато, овој месец Советот за безбедност на Обединетите Нации го прошири мандатот на мировната операција надвор од Кабул, однсоно и на други делови од Авганистан.
XS
SM
MD
LG