Достапни линкови

Може да дојде до поместување на улогата на НАТО во Европа


Европската Унија презема чекори за дефинирање на својата воена моќ и покрај недоразбирањата во нејзините редови околу проширувањето кон Исток и околу ирачкото прашање. Тоа, според експертите, може да доведе до поместување на НАТО улогата во Европа.

Во почетокот на годинава Унијата за прв пат во својата историја презеде една воена мисија, онаа во Македонија. Аналитичарите сметаат дека неодамна Унијата направи уште еден чекор напред откако четири нејзини членки го ставија на маса контроверзниот план за независен штаб со седиште во Белгија. Планот на Франција, Германија, Белгија и Луксембург, според експертите, претставува врв на тензиите со Соединетите Држави околу Ирак. Тој беше критикуван од Вашингтон и од неколку членки на Унијата со објаснување дека со него европската одбрана се разведува од НАТО, неколку деценискиот гарант на европската безбедноста на Европа. Дан Киохан, воен експерт од Лондон вели дека во рамките на Унијата се повеќе е забележлива таканаречената авангардна група:

„Во основа ова е слично како и со еврото и со Шенгенскиот визен режим. Земјите кои сакаат потесна соработка можат да го прават тоа. Таков е случајот и со одбраната.“

Вели Киохан додавајќи дека притоа мора да бидат поставени критеруими кои ќе бидат вклучени во протоколот за новиот Устав на Европската Унија за што сега се преговара во Рим. Во меѓувреме, и покрај политичките недоразбирања за концептот на европската одбранбена улога, Унијата, со мисијата во Македонија, практично го започна дефинирањето на таа улога.

„Нема двоумење дека со преземањето воени операции Европската Унија ќе го зголеми кредибилтетот на заедничката одбранбена политика.“

Смета Киохен. Како што е познато, по Македонија, Европската унија презеде опасна, но и успешна мисија во Конго. Според сегашните планови, Унијата има намера во идната година да ја преземе улогата на НАТО во мировните задачи во Босна. Соединетите Држави сметаат дека таквиот чекор ќе ја зголеми дистанцата меѓу Унијата и Алијансата. Дебатите за европската одбранбена улога се актуелизираа откако министрите за одбрана на НАТО во една американска база деновиве присуствуваа на антитерористичката вежба на силите за брза реакција што НАТО треба да ги операционализира до две илјади и шеста година. Во натамошните односи на релација Брисел Вашингтон, според експертите, голема улога ќе има Британија, но и некои членки на НАТО од Централна и Источна Европа. Имено, тие тешко ќе се откажат од желбата Алијансата и натаму да биде центар на европската безбедност.
XS
SM
MD
LG