Достапни линкови

ОН повикаа на создавање меѓународен сојуз против гладта


Милиони деца секоја година умираат поради нивното гладување. За да се спречи тоа, Обединетите Нации, одбележувајќи го денешниот Светски ден на храната, повикаа на создавање на меѓународен сојуз против гладта.

Светот произведува доволно храна за да се исхарнат сите жители на Планетава. Но, повеќе од осумстотини и четириесет милиони луѓе, пред се во сиромашните земји, страдаат од хронично гладување. Пред осум години светските лидери си поставија задача до две илјади и петнаесетта да го решат овој проблем. Но, со текот на времето, таа цел станува се понереална. Имено, според најновите податоци, бројот на гладните во светот секоја година се намалува за околу два и пол милиони луѓе. Меѓутоа, со таква стапка, светот ќе нема гладни дури во две илјади сто и петнаесетата година. Затоа Обединетите Нации сега покренаа иницијатива за формирање Меѓународен сојуз за решавање на овој проблем.

„Ние можеме да ја запреме гладта. Ние значи сите нас, ако ги искомбинираме нашите енергии и нашите извори. Сојузот треба да ги здружи земјите во нивната политичка волја да се справат со гладувањето во светот.“

Вели Ева Клејтон помошник директор на програмата на Обединетите Нации за храна ФАО.

„Она што ни треба е политичка волја за да ги елиминираме причините на гладта во сите нејзини лица. Земјите мораат своите вербални заложби за борба против гладувањето да ги претворат во практични програми. Во повеќето земји во развој населението живее во рурални средини. Токму таму треба да се инвестира во земјоделството.“

Посочува еден од потезите што би можело да се направат во справувањето со гладта во светот директорот на ФАО Жак Диуф. Имено, иронично е токму тоа што овој проблем е најизразен во оние региони каде што луѓето се занимаваат со производство на храна, односно со земјоделство. Покренувајќи ја иницијативата експертите на Обединетите Нации се убедени дека само со инвестирањето во развојот на агрикултурата гладта би можела да биде многу бргу надмината како еден од најголемите проблеми во светот.
XS
SM
MD
LG