Достапни линкови

Со новиот закон за државјанство албанското население ќе се зголеми за 30 до 40 илјади


Во пресрет на резултатите од пописот што треба да ја покажат етничката структура на населението, со потврдени 60,000 лица за кои не се знае како го регулирале престојот во земјава, со повеќе од 18,000 кои немаат државјанство што се официјални податоци на Државниот завод за статистика базирани врз пописот од 94-тата прашањето за новиот закон кој предвидува намалување на рокот за добивање македонско државјанство е првенствено политичко прашање, и секој одговор на науката има политичка конотација, вели за Радио Слободна Европа, професор Никола Панов од географскиот институт. Сепак, од аспект на населеноста, основниот проблем на Македонија не е бројот на жителите, туку нивната нееднаква распореденост.

„Во западните делови од Македонија, на пример во полошката котлина, каде што се Гостивар и Тетово на некаде од 320 километри квадратни живеат околу 300,000 жители. Што значи дека таму има повеќе од 1,000 жители на километар квадратен.“

Проблемите на пренаселеноста, секаде, па и тука се исти, вели Панов:

„Се јавува еден сериозен проблем, каде што земјоделските површини мора да им го отстапат местото на урбаните простори. Треба да живее таа популација. Се намалуваат земјоделските површини, на таа сметка се зголемуваат урбаните простори и се јавува еден сериозен проблем каде што земјоделското население не може да ги извршува своите активности.“

Оттаму, анализите укажуваат, новиот закон за државјанство уште повеќе ќе ја наруши демографската и првенствено етничката структура на населението:

„Најмалку 30 до 40 илјади се моите предвидувања дека ќе се зголеми бројот на албанската популација и ќе се потенцираат тие етнички чисти средини.“

Брзината и начинот на носењето на законот, оставаат простор за сомневање дека не станува збор само за постапка на усогласување на нашата со европската конвенција за државјанство, смета Панов, со сугестија, законот да биде разгледуван по објавувањето на резултатите од пописот и согласно со еден од императивите на секоја држава:

„Да овозможи пристојно живеење на својата популација и на тој начин да врши еден контролиран природен прираст или прилив на популацијата во сопствената држава.“
XS
SM
MD
LG