Достапни линкови

logo-print

Истрагата и натаму е во тек


„Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за да ги утврди сторителите на делото, како и да ги потврди своите сознанија со коишто во моментот располага, заради преземање на понатамошни мерки и спроведување на судска постапка“

вака гласеше изјавата на портпаролот на МВР, Мирјана Контевска, еден месец по убиството на 5-тте лица во Т.Ц. Чаирчанка при што беа ранети и неколку други недолжни граѓани. Ниту три месеци потоа нема ништо ново околу истрагата.

„Во тек се активности за пронаоѓање на сторители, целосно расветлување на случаите, меѓутоа, засега нешто ново – немаме“

изјави Борче Пешевски од сектрот за информирање при МВР. Се уште е во тек и истрагата за двете експлозии во центарот на Скопје, кај зградата на Македонски Телекомуникации и ТЦ. Мавровка. Министерот за Внатрешни Работи Хари Костов непосредно по овие експлозии изјави.

„Министерството за внатрешни работи располага со снимки од објектот на Македонскиот телеком од три камери коишто во тој период регистрираа движење на определени личности околу објектот. И МВР работи на анализирање и идентификување, да видиме дали од тоа ќе добиеме дополнителни сознанија околу натамошниот тек на идентификацијата на определени луѓе“

Дали овие снимки и четири месеци по експлозиите во центарот на Скопје помогнале во текот на истрагата остануваат мистерија за јавноста.

А во тек е и истрагата за последните три екплозии кои исто така се случија во Скопје и тоа врз три државни институции. Основниот суд Скопје 2, зградата на Владата и Касарната Илинден.

„По однос на експлозиите, засега немаме ништо ново. И понатаму течат активностите со цел за пронаоѓање на сторителите“

Професорот Ферид Мухиќ објаснувајки ја појавата на брзото заборавање на ваквите инциденти од страна на македонските граѓани вели

„Просто се заситени од неефикасноста на полицијата. Вообичаено стојалиште меѓу граѓаните е дека таму каде што полицијата не разрешува, на извесен начин самата е замешана и затоа инсистира врз решавањето и ги остава нерасветлени тие случаи. Место за оптимизам во овој миг многу нема и само една организирана акција на граѓаните која би ги притиснала соодветните министерства и одговорните лица можеби би дала одредени резултати“
XS
SM
MD
LG