Достапни линкови

До крајот на годинава треба да бидат ликвидирани или продадени 24 загубари


Од 24 фирми загубари што државата до крајот на годината според договорот со Светската Банка мораше или да ги ликвидира или да ги продаде до крајот на годинава, до денеска успеа десет комплетно да затвори, што значи на теренот имаме празни хали, работниците се под заводот за вработување и објекти што покрај објавените меѓународни тендери не се интересни за инвестирање. Од 9,500 вработени со колку што располагале овие загубари во моментов ангажирани се само 700. Ако е за утеха, најавата што стигнува од Минстерството за економија е дека инвеститорите ветиле зголемување на нивниот број:

„Според бизнис плановите што ни ги доставија на увид новите сопственици вкупната бројка ќе се зголеми до крајот на годината и почетокот на идната година за 2.600 работници,л се разбира, доколку тие бизнис планови се остварат“

вели портпаролот на министерството за економија Гоце Пачемски.

Од овие 24 фирми загубари што се продаваат без обрвски и вработени, по ликвидацијата единствено седум продолжиле да функционираат:

„Продадени се „Готекс“, „Силика“, „Македонка-ткаенини“, „Астибо“, „Нокатекс“. „Фротикрка“ и пет пакети од “Годел““

Кочански „Руен“, „Газела“, „Порцеланка“, МХК „Злетово“, НИП „Нова Македонија“, „Карпош Ткајачница“ се претпријатија чијшто статус сеуште не е решен:

„Во моментот МХК „Злетово“ нема имот. Се води една судска постапка за враќање на имотот што е сега во „Инвестас„ во владение на МХК „Злетово“. Без таква можност нема што да се продава“

И додека до крајот на годинава од владата најавуваат комплетно решавање на сите 24 фирми загубари според критериумите на светската банка што значи продај или ликвидирај, од оваа светска институција изготвен е нов список на фирми чијашто судбина ќе треба да се решава во наредната 2004 година:

„Беа предвидени уште 13 претпријатија кои беа прогласени за загубари, меѓутоа, тие ќе бидат решени по законот за стечај и по аукциската продажба на берзата.“

Проблемот со ниските вредности што изготвувачите на меѓународните тендери ги бараат како гаранција за учество во трката кој ќе биде сопственик на фирмата загубар останува. Последен беше примерот на фирмата ФАС, кога купувачот по едномесечно колебање се откажа, а целиот тендер пропадна. Постапката допрва ќе се повторува со што се потврдува констатацијата дека од еден до друг тендер се губат од седум до девет месеци.
XS
SM
MD
LG