Достапни линкови

logo-print

Радмила Шеќеринска, потпретседателка на Владата. За Македонија нема европска без домашна интеграција


Задолжени сте за евро-интеграцијата, госпоѓице Шеќеринска, што значат сугестиите и препораките на Брисел дека нема меѓународна без внатрешна интеграција. Колку се овие барања реални со оглед на меѓуетничките тензии и сликата што Македонија ја испраќа како држава што има конкретни внатрешни проблеми?

Кога една држава влегува во ЕУ, таа влегува на купче. Со сите свои економски, политички и какви било други проблеми. Затоа, процесот на влегување во ЕУ е многу сложен, затоа што прво треба да ги решите тие проблеми, за да влезете во ЕУ. ЕУ навистина е привилегиран клуб со многу пари и со многу политички можности, со јака политичка позиција. Меѓутоа, ЕУ е јака затоа што во неа се јаки држави. Држави што се носат со своите проблеми. Затоа, процесот на приближување на Македонија кон унијата, е всушност процес на европеизација на Македонија. Европеизација во смисла на тоа дека Македонија мора да научи да ги решава своите проблеми. Кога Македонија ќе влезе во ЕУ, меѓуетничките прашања претпоставувам дека сеуште ќе бидат актуелни. Не постои волшебна формула за меѓуетничките прашања и ниту влезот во ЕУ нема да биде волшебна формула. Ние ќе влеземе во ЕУ како држава којашто има мешан етнички состав, којашто има мешан религиски состав, во која се зборуваат повеќе јазици коишто се на одредените етнички групи и сето тоа ќе биде нешто што нема да се промени кога ние ќе влеземе во унијата. Меѓутоа, за да влеземе во ЕУ, ние ќе треба да покажеме дека и овие проблеми сами знаеме да ги менаџираме. Има неколку европски држави, дури оние најстари европски држави коишто сеуште имаат меѓутнички прашања. Европа вели, во културното богатство, секој е подеднакво важен. Тоа бара да се однесува и на малцинствата што се наоѓаат во државите. Мислам дека Република Македонија, во делот на правата на малцинствата, правата на етничките заедници навистина има добар резултат, во поглед на стандарди сме дури и пред некои членки на ЕУ. Меѓутоа, тоа не е доволно. Ние треба да покажеме дека немаме проблеми коишто се закануваат на стабилноста на државата. Не можете да влезете во ЕУ, ако сеуште се зборува за непомирливи разлики, ако сеуште се зборува дали безбедноста ќе биде нарушена со решавање на некој етнички проблем или не. Тие прашања, Македонија треба да се научи сама да ги решава. Она што е дополнително битно е дека ЕУ вели како вие ќе научите да комуницирате и соработувате со другите членки во Унијата, со коишто ќе имате ужасно спротиставени политички ставови, ако вие не сте се научиле, прво во вашето мало семејство да си ги решите проблемите. Вежбата наречена решавање на меѓуетничките проблеми во Македонија е најголема вежба за членство во Унијата. Кога знаете да комуницирате и да соработувате, на мал план, ќе знаете тоа да го правите и на макро план. Нема да има еден проблем кога овие проблеми ќе исчезнат, меѓутоа овие проблеми мора да престанат да бидат прашање да се биде или не за Македонија ако сакаме да влеземе во ЕУ. И затоа точно е дека влезот во Унијата, бара внатрешна кохезија. Не само усвојување на закони, не само имплементирање на фамозниот рамковен договор, туку навистина промена на менталитетот, во којашто различните етнички заедници ќе научат да соработуваат меѓу себе, за да не ни се случуваат ситуации како во Битола, како во Скопје, како во Тетово, Шемшево итн. Тоа веќе ќе биде знак дека Македонија напреднала, дека Македонија прескокнала неколку класови и дека се квалификувала за следното ниво обврски кон унијата.

Еден од следните чекори, по договорот за стабилизација и асоцијација е апликација за членство. Владата најави дека таа би можела да биде поднесена до крајот на годинава?

Владата на Македонија не најави апликација за членство до крајот на годинава, туку планираше дека до крајот на годинава ќе се задоволат некои политички услови коишто сметаме дека ќе зборуваат во прилог на апликацијата. Секогаш кога добивав вакво прашање велев дека нема да ја врземе апликацијата со временски датум, туку ќе ја врземе апликацијата со политички момент. Значи, во политичкиот момент, кога ќе можеме да излеземе со аргументација во делот на спроведување на рамковниот договор, во делот на спроведување на аранжманот со ММФ, во делот на борбата против организираниот криминал и корупција и во делот на подготовки за интегрирање ќе излеземе со апликација. Консултации се права и сакаме навистина кога ќе го договориме да излеземе со конкретен датум, да не биде резултат на шпекулции и прогнози. Како сериозна држава тие консултации ќе ги привршиме во следните неколку недели и во тој случај ќе излеземе пред македонската јавност и пред европската јавност со конкретен план. Кога ќе се даде апликацијата и како ќе ја образложиме апликацијата во периодот на нејзиното поднесување. Нашата обврска не е само да дојдеме со парче хартија и да го ставиме на нечија маса. Наша обврска е притоа да создадеме атмосфера кога поднесувањето на тоа парче хартија ќе биде оценето како паметен чекор.

Најавеното мото за интеграција на Македонија е „и сонцето е ѕвзеда“. Дали со ова мото ќе одиме и пред Брисел?

Ова е мото коешто нема да го користиме како мото на Македонија пред Европа, туку пред се како слоган којшто ќе го идентификува процесот на европска интеграција пред македонските граѓани. Процесот на приближување до ЕУ може да биде успешен само ако ја има поддршката на граѓаните и ако тој процес им е јасен. Оти едно е декларацијата дека сакаме да влеземе во унијата, а друго е да сфатиме што се треба да се направи за да влеземе во унијата. Некои од тие обврски ќе ги загрозат и досегашниот начин на работа и досегашниот начин на мислење. Ќе треба да ги промениме. Многу е подобро да и се онјасни сега на јавноста, за да биде подготвена, да се објасни кои се се агрументите за коишто ги правиме овие тешки и болни промени. Затоа битна беше изработката на стратегија за комуникации со јавност во Македонија. Понатаму Македонија ќе треба да ја продадеме и на европскиот пазар. Меѓутоа, прво процесот треба да им биде јасен на луѓето во Македонија и затоа во следните неколку месеци предвдуваме кампања којашто треба да значи повеќе информации за ЕУ, повеќе информации за каде стои Македонија во ЕУ, повеќе информации за тоа што ќе бидат следните чекори, како ќе биде процедурата, да им се разјасни на луѓето и за таа кампања го избравме слоганот којшто мислам дека на соодветен начин ќе може да го користиме и во Европа, а тоа е слоганот „и сонцето е ѕвезда“. Со тоа сакаме да ја испратиме политичката порака, дека симболот на Република Македонија, македонското сонце, припаѓа во европското семејство, коешто пак се идетификува со ѕвездите на синото знаме. Да не зборувам дека се работи за една физичка вистина, сонцето навистина е ѕвезда. Меѓутоа, клучна е политичката порака, сметаме дека нашето место е на европското небо. Прашање е на време, на процедура, на ефикасност колку брзо процесот на приближвање ќе заврши. Меѓутоа, тоа е нашата идна легитимација, Република Македонија како европска држава.

И за крај во контекст на разбирањето, бевме сведоци на негативно примање во јавноста на веста за доаѓање на европски експерти кои ќе треба да ја помогнат интеграцијата, за што всушност станува збор?

Влезот и интеграцијата во ЕУ е всушност откажување од стариот концепт на сувереност и прифаќање на концепт на меѓузависност, за којшто се зборуваше и во Собранието. Значи, ако сакате да бидете член на една многу сложена структура во којашто важат правила на игра, тогаш вие го имате правото да се мешате во некои туѓи работи, меѓутоа и тие да се мешаат во некои ваши работи. Да не зборувам дека експертската помош во никој случај не е мешање, туку помош којашто ЕУ ја доделува на Македонија. Се сеќавам дека амбасадорот Керини, којшто сега е амбасдор на ЕУ во Македонија, а порано беше нејзин претставник во Кипар, којшто следната година ќе влезе во ЕУ, споменуваше цифра од 300 европски експерти коишто секоја година од ново доаѓале на Кипар и помагале околу процесот на приближување. Значи, се работи за нормален процес, којшто ние не само што треба да го поздравиме, туку треба и да го поттикнеме. И јас се надевам дека следната година бројот на такви експерти ќе биде и поголем. Прашање на зрелост е дали ќе успееме да ги искористиме, дали ќе успееме да развиеме локални експерти, бидејќи странските експерти доѓаат и си одат и колку нивното присуство ќе биде видливо во нашето законодавтсво. Да не се плашиме ниту од туѓ ум, ниту од туѓ совет, ниту од интервенции во она што сме сметале дека се наши работи. Ако сакаме да влеземе во ЕУ тоа стануваат европски работи, нашите проблеми стануваат европски проблеми, нашите политички прашања, стануваат европски политички прашања.
XS
SM
MD
LG