Достапни линкови

logo-print

Разговори на претседателите Буш и Путин


Претседателите на Русија и Соединетите Држави Владимир Путин и Џорџ Буш вечер во Кемп Дејвид кај Вашингтон започнуваат серија разговори. Се очекува тие да бидат фокусирани врз Ирак, Иран, Блискиот Исток и билатерланата соработка во енергетскиот сектор.

Третиот престој на рускиот претседател Владимир Путин на Соединетите Држави ќе биде исполнет со неколку средби со американскиот претседател Џорџ Буш. Двајцата лидери последен пат се сретнаа во јуни годинава во Санкт Петерсбург на таканаречениот самит на обновување на односите меѓу двете земји кои беа поделени околу оправданоста на ирачката војна. По тој самит Путин изјави дека билатералните врски се посилни од настаните што ги тестираат. Четири месеци подоцна Ирак и сега Иран повторно ги тестираат врските, но во последно време Москва покажува знаци дека би можело да има приближување околу овие две прашања. Вашингтон бара руска поддршка за новата нацрт резолуција со која се предвидува Советот за безбедност на Обединетите Нации да дозволи мултинационални сили во Ирак со што Соединетите Држави би ги поделиле и финансиските трошоци за реконструкција на таа земја. Засега е тешко да се предвиди каков ќе биде рускиот одговор, но последните изјави на Путин сугрерираат дека тој би можело да биде позитивен.

„Мислам дека еден од најважно е тоа што Путин би сакал руско воено присуство во мировна операција во Ирак. Тоа е во согласност и со националните интереси , бидејќи на Русија ќе и овозможи да ги обнови контактите во регионот.“

Вели Кимберли Мартен експерт за руската надворешна политика во Колумбија Универзитетот во Њујорк додавајќи дека такво нешто ќе е невозможно за Русија без соработка со Соединетите Држави. Николас Редман, аналитичар од Лондон додава дека секаков договор околу ова прашање ќе биде резултат на интензивни преговори во кои ќе бидат вклучени и бенефициите за руските нафтени комапнии.

„Мислам пособено на преговорите околу резолуцијата на Обединетите Нации. Нема да биде изненадување руските фирми кои имаат договори уште од предвоен Ирак, да бидат поканети да се вратат таму.“

Вчера претседателот Буш изјави дека на разговорите со Путин ќе го покренел и прашањето Иран, земја која доби ултиматум од Меѓународната агенција за атомска енергија до 31-ви идниот месец да ја обелодени својата нуклеарна програма или ќе се соочи со санкции. Попрецизно, како што сметаат експертите, Буш ќе побара од Москва да ја прекине нуклеарната соработка со Иран и оти е можно тоа да биде прифатено. Според нив, прагматичниот Путин е за стратегиски сојуз со Соединетите Држави бидејќи тој и неговите советници веруваат оти ова е во тесна врска и со руските надворешно политички принципи и со нејзините економски интереси.

„Ако ја земете пошироката стратегиска перспктива, Русија и Соединетите Држави имаат објективен интерес да соработуваат бидејќи најмногу од конфликтите се случуваат по должината на јужната граница на Русија – Блискиот Исток, Централна Азија и да не го заборавиме, проблемот со растењето на кинеската моќ. Затоа мислам дека Путин сфаќа оти ваквите стратегиски инетереси се побитни од несогласувањата за некакви специфични детали.“

смета Андреј Пионтковски политички аналитичар од Москва.
XS
SM
MD
LG