Достапни линкови

Се очекува отворена критика за САД


Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан во денешното обраќање на есенската сесија на Генералното собрание се очекува отворено да ја искритикува американската Бела Куќа за нејзината доктрина на превентивни воени интервенции. Од друга страна, според најавите од Вашингтон, американскиот претседател Џорџ Буш денеска во Њујорк планирал да ги предизвика Обединетите Нации за поголема нивна улога во обновата на Ирак.

На денешниот почеток на Пеесет и осмото заседание на Генералното Собрание на Обединетите Нации се очекува интресна дебата околу улогата на Светската организација во решавањето на проблемите во светот. Тоа особено во светлината на американската интервенција во Ирак која не беше одобрена од Советот за безбедност и недоразбирањата што ги остави таа во меѓународните односи. Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан во своето обраќање, чии делови веќе се објавени, наведува дека ирачката криза ги доведе Обединетите нации на крстосница, најсериозна од нивното формирање во 1945 година. Според Анан, доколку се прифатат американските аргументи дека државите имаат право и обврска да употребат оружје во превентивни акции тоа ќе предизвика пораст на еднострана употреба на сила во светот. Анан потсетува дека Повелбата на Обединетите Нации дозволува воена акција само во одбранбени цели. Веднаш по Кафи Анан, според дневниот ред, на Генералното собрание треба да му се обрати и американскиот претседател Џорџ Буш. Некои делови од неговиот говор се објавени вчера и во нив се гледа, како што оценуваат експертите, дека остануваат поделбите меѓу Соединетите Држави и Европа за ирачкото прашање. Имено претседателот Буш денеска ќе побара меѓународна поддршка во пари и војници за Ирак, но ќе ги отфрли апелите на европските критичари предводени од Франција за забрзување на трансферот на власта во Багдад. Овој француски предлог, според Кондолиза Рајс советникот за национална безбедност на американскиот претседател, не е остварлив, бидејќи на таков начин власта ќе им припадне на група ирачани кои не се избрани на регуларни избори во земјата.

„Амбасадорот Бремер говори за план од седум точки, а тие се однесуваат на донесување устав, одржување избори и дури потоа трансфер на власта на Ирачаните.“

Ирачкото прашање ќе биде главна тема на денешните разговори меѓу Џорџ Буш и Жак Ширак на маргините на генералното собрание на Обединетите нации.
XS
SM
MD
LG