Достапни линкови

Придонес за успешна борба против организираниот криминал


По неколку неуспешни обиди на министерството за внатрешни работи да се легализира прислушувањето, неодамна пратениците го усвоија нацрт амандманот на Уставот кој ја предвидува оваа можност, по што измената на овој акт е на јавна дискусија. Експертите се согласни дека предложените промени ке придонесат за успешна борба против организираниот криминал и додаваат дека со тоа Македонија оди само чекор напред кон европските стандарди:

„Со оваа измена ние практично се приклонуваме кон владеачкото становиште во Европа дека мора со Уставот, а подробно со закон да се разработат ситуациите кога може да се овозможи прислушување на телефонските и другите средства за комуникации“

„Овие промени на Уставот во однос на прислушкувањето, ќе придонесат многу во организираната борба против исто така организираниот криминал. Затоа што прашањето што се разрешува сега со амандманот фактички содржи европски стандарди коишто го овозможуваат официјалниот, легализиран и во постапка прогон на кривични дела од најтежок вид и најтешки форми“


изјавија Методија Каневче професор по Казнено право на Правниот факултет и Стефан Павлевски поранешен републички јавен обвинител.
За да се сведе злоупотребата на оваа полициска мерка на минимум, а воедно и да се заштитат човековите права потребно е прецизирање на нејзиното користење во дополнителен закон

„Потребни се две прецизирања: прецизирање на случаевите и прецизирање на процедурите. Ова второто е посебно важно заради тоа што кај нас најмногу имаме повредување на човековите права и слободи заради неспроведување и непочитување на процедурите. Значи, многу јасни процедури со многу јасно определени санкции за прекршувањето на овие процедури – тоа е најдобриот начин на којшто можеме да се заштитиме“

вели Мирјана Најчевска претседател на Хелсинишкиот комитет за човекови права која објаснува дека во случај на злоупотреба на оваа мерка лицата ке бидат санкционирани во согласност со Кривичниот законик.
XS
SM
MD
LG