Достапни линкови

„Конкордија“ завршува на 15-ти декември


Мисијата „Конкордија“ ќе заврши на 15-ти декември, соопштуваат во Брисел каде министерсткиот совет треба ги дефинира деталите на идната мисија што ќе ја замени Конкордија. Согласно барањето на претседателот Трајковски во јули и минатонеделното писмо на премиерот Црвенковски, како што изјави портпаролката на високиот европски представник Солана Кристина Галах:

„ЕУ се подготвува за можноста за испраќање полициски сили, но не за извршување на полициски задачи, туку за да работат заедно со македонските полициски сили за постигнување на стандардите на полициите на земјите членки на ЕУ.“

Станува збор за советодавна мисија по теркот на веќе присутната мисија на НАТО која помага во реформите на Армијата. Европскиот тим за кој се претпоставува дека ќе го сочинуваат стотина европолицајци ќе се фокусира на формирањето граничната полиција која за две години треба да го преземе менанџментот со границата и на неопходните реформи во министерството за внатрешни.

Заминувањето на „Конкордија“ за кое се согласни и во владата и во Брисел сеуште со резерви во дел од албанскиот политички блок.

„Мислам дека се наивни и многу загрижувачки изјавите на челните луѓе на македонските институции кои бараат „Конкордија“ да замине. Мислам дека се работи за стратегиска грешка што ја прави оваа влада и убеден сум дека меѓународните сили ќе останат во Македонија и во наредната година“

изјави во интервју за радио Слободна Европа лидерот на Демократската Партија на Албанците Арбен Џафери. Резеври за завршувањето на странското воено присуство искажаа и во ПДП, додека во ДУИ велат, барањето за завршување на Конкордија и нејзино заменување со советодавна мисија е заеднички став на партнерите во власта.

„Се надеваме дека и полициската мисија ќе биде ефикасна во врска со потребните и предвидени реформи во Министерството за внатрешни работи“

изјави Агрон Буџаку.
XS
SM
MD
LG