Достапни линкови

26 студенти пријавиле случај на корупција на универзитетите


26 студенти пријавиле случај на корупција на факултетите на СОС телефонот при министерството за образование од месец мај до јуни, информираат од секторот за информирање во ова министерство. Поради летните одмори, од јуни месец нема пријавено ниту еден сучај, а од 1-ви октомври кога и стартуваат со настава универзитетите се очекуваат нови јавувања, велат во министерството за образование:

„Секторот како сектор, само ја врши услугата да може да се јават студентите. Сите информации ги предава на државениот просветен инспекторат, кој понатаму презема ингеренции и ако има повеќе јавувања за една иста особа натаму јавува во МВР. Колку што ми е мене познато до сега за двајца професори се направени комисии, да не можат повеќе да го држат испитот и студентите полагаат пред комисија. Тоа е во Битола и Охрид. Ама, дека МВР покренало некоја иницијатива не ми е познато.“

изјави Николче Анчевски од секторот за високо образование при ресорното министерство. Сеедно што министерството добива информации, проблемот е во тоа што тешко е тоа да се докаже, вели професор Емилија Симовска, од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања во Скопје:

„Јас кога бев министер имав стотици, и без СОС телефон и јавувања и посети и имате сознанија дека сето тоа го има. Меѓутоа, бадијала е. Ништо од тоа не можете да докажете. Проблемот на докажувањето во постапката е проблем. Меѓутоа, за поздравување е идејата, затоа што барем чувството дека некој некаде може да се обрати, сега за сега е доволна, понатаму од тоа може да произлезат и одредени акции.“

Во целата акција мора да се вклучат и безбедносните органи, вели Симовска, која посочува:

„Секогаш тука требало да се вклучат и безбедносните сили. Проблемот е тоа што за да фатите некого дека е корумпиран вас ви треба полициска акција. Во таа полициска акција треба да учествува и некој што би дал мито со знаење на полицијата. Кој ученик или студент би ја жртвувал можноста за натамошно комотно студирање, со колегите на тој што ќе биде фатен. Сите мислат дека тоа може да има негативни последици по нив, освета од професорите итн.“
XS
SM
MD
LG