Достапни линкови

Милчо Манчевски, режисер. Во оваа држава, како и во многу други културата е на опашката


„Прашина“ на Милчо Манчевски е моќно и уверливо филмско дело, ова го пишува угледниот Њујорк Тајмс за вашиот филм господине Манчевски имате ли нешто да додадете?

Па, немам нешто многу да одземам ни да додадам. Прво затоа што е од Њујорк Тајсм, редовното домашно четиво кога сум во Њујорк, и онака како зависник го читам. И убаво е кога ќе се чуе од друга страна, мислам дека се истрениав да не ми се важни ни пофалбите, ни покудите затоа што се оштетува делото, влијанието на она што го работиш и како го работиш, станува непропорцијонално големо. Со други зборови, ако ти е важно што кажала критиката, е исто како да ти е важно што кажале комшиите.

Не се сложувам со вас затоа што во Венеција за време фестивалот не го добивте истиот сјај на критиката, како во Њујорк Тајмс и бевте прилично разочаран, бевте прилично лут на тамошните критичари.

Разочаран бев, затоа што мислев дека делото ќе биде разбрано. Мене ми е важно делото да биде разбрано барем до некоја граница, не мора да биде фалено. На крајот на краиштата, не е важна ниту мојата реакција, важно е делото, како се прима од секој гледач и за десет и за дваесет години.

Зошто „Прашина“ токму сега го виде Њујорк. Што беше проблематично со дистрибуцијата?

Не е ништо проблематично. Ме интересира и мене зошто сега, ама тоа си е дистрибутерска политика. Првата работа беше ценкањето меѓу фирмата која ги има светските права за филмот и локалниот дистрибутер, околу условите на продажбата. Во секој случај ова е вон моите раце. Во крајна линија, тоа не е ни важно, тоа е само површински коп во споредба на самото дело.

Вардар Филм девет години не го издаде Пред Дождот на ВХС или ДВД, девет години ли имаме проблеми во културата?

Јас не сум тука цело време да можам да ја коментирам состојбата во нашата култура.

Но, сепак сте македонски режисер, живеете во Македонија и сигурно ве интересира генерално состојбата?

Ако погледнете од сето она што сум го направил како дело во последните десет години, ниту еден проект не е генериран или финансиран од оваа држава. Во „Пред дождот“, македонската држава учествуваше со седум отсто од финансиите, во „Прашина“ учествуваше со пет отсто од финансиите. Македонија во „Прашина“ вложи помалку отоколку што влложува во филмови на дебитантни или на кој било друг режисер во Македонија. Сакам да кажам дека и покрај сето тоа немам основа за жалење, затоа што она што сакам да го направам како автор, наоѓам начин да го направам, незавсно од културно-политичката структура во Македонија и како таква баш поради тоа не сакам да се оптеретувам.

Да го цитирам Слободан Унковски кој на прашањето зошто не работи во Македонија рече дека ниту една влада, вклучувајќи ја и неговата не ги интересирала културата. Се согласувате ли со неговата теза?

Во оваа држава и во многу држави културата е некаде на опашката. Отприлика како кога ќе се отвори весник, па ќе помине се, ќе помине внатрешна рубрика, ќе помине политика, па културата е таму некаде пред спортор, пред фудбалот. И тоа е не само распоредот во весникот, туку и односот кон културата не само на државата, туку и на луѓето. Ама, ќе кажам не само во оваа држава. Еве во Америка државата дава помалку пари на висока култура отколку оваа држава.
XS
SM
MD
LG