Достапни линкови

Се исправа една неправда од минатото, но се создава друга велат експертите


Во време кога е во тек реформа на јавната администрација, што тоа меѓу другото подразбира отпуштање четири насто од вработените, мора претпазливо да се спроведува одредбата од рамковниот договор, што предвидува праведна и соодветна застапеност на припадници на заедниците, вели Борче Давитковски, професор на правниот факултет:

„Тој процес треба да почне, бидејќи е запишано дека има поддршка од сите релевантни фактори. Сега, друг е проблемот дали влегувањето во службата ќе се изврши врз база на постоечките законски прописи. Ако тоа се почитува, мислам дека во тој сегмент тоа е в ред и треба да продолжи. Проблем е дали кандидатите ги исполнуваат условите и критериумите. Доколку не, може да настане оправдан револт поради тоа зошто некој да влезе под привилигирани услови, дури и кога не ги исполнува критериумите“

Според Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања процесот на вработување на припадници на заедниците во јавниот сектор има политички димензии:

„Веројатно една од идеите е да се елиминира или да се надополни на некој начин дискриминацијата во малата процентуална застапеност на етничките заедници, што значи дека политичките елити одлучуваат тоа да го спроведат во дело. Со тоа што смета дека на некој начин исправа некоја неправда. Веројатно луѓето кои треба да ја напуштат администрацијата, со оглед на реформите и на трошоците што владата ги презема за намалување на вкупните буџетски трошоци, веројатно има некои консеквенци и луѓето кои што ќе заминат поради тоа реформи, ќе се чувствуваат онеправдани“

Давитковски оценува оти отпуштањето на вработените е погрешен чекот на владата:

„Владата избрза со донесувањето на заклучокот, бидејќи заклучокот не е правен основ за отпуштање на 4 отсто од вработените во јавниот сектор. Требаше прво да се донесе законот за установи, каде што ќе се реши статусниот проблем на самите јавни служби, а аналогно со тоа во тој закон ќе се дадеа и моделите на приватизацијата. Потоа многу полесно и побезболно ќе се оствареа овие реформи, бидејќи на тој начин ќе се дадат перспективите и визиите на луѓето кои работеле во одредена јавна служба, да можат да продолжат и понатаму но во друг сектор“
XS
SM
MD
LG