Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува расправата, ДПА смета дека се одвлекува вниманието од лошата економија


Пред две години, кога пратениците зад затворени врати расправаа за безбедносната состојба во државава, за време на оружениот конфликт што ја зафати нашата земја, народните избраници повторни ќе ја прочешлаат безбедносната ситуација и тоа по нејзиното влошување во изминативе 15-тина дена. Се започна со киднапирањето на еден полицаец и него роднина, на стариот пат Скопје – Куманово од извесен командант Чакала што резултираше со стационирање на голем број полициски сили во кумановско – липковскиот регион. Жените и децата го напуштија Ваксинце, каде оперираа вооружени групи кои се заканија со започнување нов конфликт. Следеше дипломатска офанзива и разговори на пратениците Албанци со селаните од Ваксинце по што тензиите малку спласнаа.

Целата ситуација кулминираше минатата недела со воено полициската акција во Брест при што беа убиени две лица припадници на вооружените групи кои оперирале во карадачкиот регион. Меѓународната заедница ги поддржа македонските безбедносни институции во справувањето со криминалните банди:

„Нема промена на ставот, посебно не на ЕУ за полициската акција во Брест. Ги поддржуваме напорите на владата да се бори против овие групи и да ги сопре во нивните дејствувања,“

изјави портпаролот на ЕУ во Македонија Ирена Ѓузелова.

Со барање собранието да расправа за безбедносната состојба, неодамна се огласи опозиционата ВМРО-ДПМНЕ.

„Во 2001 имаше неколку моменти кога владата можеби требаше побрзо да интервенира и таквите грешки не треба да се повторат сега. Токму затоа, секојдневно ја предупредуваме владата да преземе една акција во којашто од корен ќе го сосече она што се случува. Долго време властите, новите власти по изборите, минатата година држеа атмосфера дека состојбите во земјава се смирени. Веројатно посакуваа доаѓањето на нова власт да значи целосен и траен мир во земјата. За жал состојбите не се баш такви и ова само го покажа тоа,“

изјави Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи ја потребата собранието да расправа за безбедносната состојба. Додека за опозиционата албанска партија ДПА, Македонија перманентно влегува во безбедносна и политичка криза:

„Оваа влада презема вакви акции сигурно да ја прикрие длабоката социјална, економска и политичка криза која постои во земјава,“

изјави лидерот на ДПА Арбен Џафери, коментирајќи ја полициската акција во Брест.
XS
SM
MD
LG