Достапни линкови

logo-print

Според последните истражувања, Швеѓаните против


Во Шведска утре ќе се одржи референдумот за тоа дали граѓаните се за прифаќање на еврото. Во изминативе два дена кампањата за референдумот беше суспендирана поради убиството на министерката за надворешни работи Ана Линд која беше голем поборник за влегување на земјата во еврозоната. Според последните испитувања на јавното мислење, по се изгледа, дека одговорот на швеѓаните ќе биде негативен.

Шведската круна, доколку се покажат за точни податоците од испитувањата на јавното мислење, уште долго време ќе ѕвецка во џеповите на швеѓаните. Дури десет процентни поени повеќе се изјасниле дека ќе гласаат со ,,не,, на референдумот за еврото. Сепак, премиерот Јоран Першон останува оптимист и изрази верување дека електоратот на денот на гласањето ќе го поддржи влезот на земјата во евро зоната. Некои политички експерти дури сметаат дека поради симпатиите што ги уживаше проевропската министерка Ана Линд која на неколку дена пред референдумот беше убиена, ќе придонесе да се зголеми бројот на оние што ќе дадат позитивен одговор. Имено, една третина од швеѓаните или околу седум милиони гласачи се уште се немаат решено како да се изјаснат. Народната Либерална Партија е за еврото.

„Тое е важно и од економски и од политички причини. Веруваме дека Шведска, долгорочно, со еврото ќе биде постабилна и со солидна економија, отколку без него. Веруваме дека тоа е важно и за шведската улога во новата Европа.“

Вели портпаролот на оваа партија Јоаким Бергстром. Од друга страна портпаролот на центристичката партија која е против еврото Хенрик Хансон наведува:

„Тие се во паника. Тие се очајни. Во обидот да издејствуваат позитивен одговор тие дури велат дека Шведска ќе влезе во еврозоната само доколку претходно се утврди оти тоа е добро за земјата.“

Вели Хансон кој додава дека ова претпоставува оти конечната одлука за прашањето сепак ќе ја имаат политичарите, а не граѓаните. Бизнис лобито во Шведска е за еврото, бидејќи, како што смета, единствената валута ќе го олесни тргувањето со европартнерите. Но, некои конзервативни групи не сакаат да се откажат од круната во која гледаат симбол на националниот идентитет. Аналитичарот Магнус Першон наведува:

„Мислам дека повеќето од швеѓаните сметаат оти е важно да ја контролираат својата сопствена финансиска и даночна политика.“

Портпаролот на Народната Либерална партија Бергстром пак вели дека Шведска долго време ќе мора да живее со негативната одлука од референдумот.

„Ако швеѓаните му кажат ,,не,, на еврото оваа есен, верувам дека земјата ќе остане надвор од него и во наредниве десетина години.“

Но, не е само тоа. Според аналитичарите, негативниот одговор во Шведска многу ќе ги намали шансите наскоро во еврозоната да влезат и Британија и Данска.
XS
SM
MD
LG