Достапни линкови

logo-print

Од Косово во Македонија нема нови вооружени групи


Не се точни информациите дека вооружена група од сто лица од Косово влегла на македонска територија, велат во Министерството за одбрана:

„Состојбата на македонската граница е стабилна. Граничарите при обезбедувањето на границата немаат проблеми и продолжуваат засилените мерки на обезбедување што подразбира зајакнато присуство на припадници на Граничната бригада при обезбедувањето и патролирањето долж граничната линија, како и засилена координација и постојана размена на информации со припадниците на КФОР. Би ја истакнал и исклучително добрата и плодна соработка во овој дел на обезбедувањето на границата со припадниците на КФОР“

изјави портпаролот Марјан Ѓуровски.

Мирна е и ситуацијата во кумановско – липковскиот регион, потврдуваат во МВР:

“Состојбата е стабилна и мирна и немаме некој нов податок во однос на нарушување на безбедносната ситуација“

изјави Борче Пешевски, од одделот за информирање во МВР.

Воено – полициската акција во Брест беше повод ДУИ по синоќешниот состанок на претседателството на партијата, да побара, односно инсистира на реформи во системот на безбедноста и одбраната.

„Ние констатиравме дека како последица на нереализирање на реформите во безбедносните органи ни се појавуваат екцесни ситуации на теренот кои ја дестабилизираат безбедносната состојба“

вели вице премиерот Муса Џафери.

ДУИ исто така побара детален извештај за настаните во Брест, како и конкретна одговорност од оние кои ги наредија и водеа овие полициско – воени операции без да се консултираат со владата и меѓународниот фактор.

Муса Џафери не ја исклучува можноста, одговорност да биде побарана и од министрите за внатрешни и одбрана Хари Костов и Владо Бучковски:

„Да не прејудицираме. Треба конкретно да се анализира овој случај и зависно од хиерархијата каде се пречекорени надлежностите или е отстапено од политичките ставови и договорите кои постојат меѓу коалиционите партнери, таму и ќе биде барана одговорноста“

Инаку, собранието денеска ја одржува првата седница по годишните одмори, а првиот парламентарец Никола Поповски, најави дека на наредната седница пратениците ќе расправаат за безбедносната состојба.
XS
SM
MD
LG