Достапни линкови

Во мисијата на МВР и АРМ кај Брест немало цивилни жртви


Ситуацијата во карадачкиот регион изминатава ноќ поминала мирно. Не се регистрирани истрели ниту пак напади, соопштува МВР, кои го демантираат најновото соопштение на т.н. АНА дека при синоќешните судири со полицијата во овој регион животот го загубиле тројца припадници на МВР. На политички план пак, СДСМ и ДУИ ја смируваат топката. Раководствата на двете партии, предводени од лидерите Бранко Црвенковски и Али Ахмети синоќа ги разгледале извештаите од увидот на теренот кај Брест по заедничката акција на АРМ и МВР околу разбивање на вооружените групи. Резултатите кои ги потврдија и припадниците на ОБСЕ и Конкордија се дека нема цивилни жртви, оштетувањето на објектите се минимални, а цивлното население почнало да се враќа дома:

„Нашите монитори во Брест не забележаа вооружени лица. Тоа говори дека селаните веќе се вратиле во своите домови. Што се однесува до материјалните штети, за тоа имаше многу шпекулации. Тоа што ние го видовме е дека една куќа е опожарена, додека училиштето и џамијата не се оштетени“

изјави портпаролот на ОБСЕ Изабел Дерут, и портпаролот на ЕУ Ирена Ѓузелова ги потврдува овие информации:

„Во основа, фактот што нема цивилни жртви е од суштинско значење и ние очекуваме владата да продолжи со конструктивниот дијалог што е воспоставен по вчерашната средба на оперативните тимови.“

А, некоординирањето на коалиционите партнери во еден момент ја доведе во прашање иднината на оваа влада. Лидерот на ДУИ отворено се закани дека ќе ја напушти владата, бидејќи неговите министри и заменици не биле информирани за акцијата. Во СДСМ велат:

„Не може воопшто да стане збор за криза. Едноставно, станува збор за засилена комуникација и координација по последните настани. ДУИ, во изминатиот период, како што реков, ја поддржува докрај борбата против криминалот и таа ќе продолжи и во наредниот период“

изјави портпаролот Игор Ивановски. Дека тоа е така потврдува и потпретседателот на ДУИ Агрон Буџаку:

„Принципиелно сме за борба против корупцијата и организираниот криминал, но треба да имаме заеднички пристап, заеднички решенија и заедничка одговорност“

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува безбедносните органи во справувањето со безбедносните групи:

„Од она што го видовме, останува да се утврди дали власта конечно ќе реши да им излезе во пресрет на заканите коишто долгорочно и се закануваат на Македонија или пак ова ќе претставува само една краткотрајна, таканаречена шминка-операција“

изјави портпаролот Влатко Ѓорчев.

Додека, за ДПА, акцијата во Брест и Малино, покажува дека оваа влада продолжува да употребува репресеивни мерки, типични за политиката на Милошевиќ, за решавање на политичките прашања.
XS
SM
MD
LG