Достапни линкови

На свеченоста во собранието не дојдоа пратениците Албанци


Во 1991 година постоеше ентузијазам кај граѓаните, а резултатите од референдумот покажа дека народот се определи за независна Македонија:

„Во тој период беше силно изразена желбата да се создаде самостојна и независна македонска држава. Тоа беше силно чувство и затоа се успеа. Имавме голема поддршка и охрабрување од сите граѓани на Македонија. Тоа се изрази пред се во резултатите од референдумот и во поддршката на новиот устав што тогаш се изработи. Се разбира, после тоа следуваа тешкотии. Беше можна интервенција на југословенската армија, но успеавме тоа да не се случи. Понатаму, следуваше реконструкција на економијата“

изјави Лазар Китановски, актуелен советник за национална безбедност на премиерот кој учествуваше во изработката на уставот кој беше усвоен по референдумот. Во тоа се согласува и Александар Флоровски, тогашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Она што е битно за секој Македонец, вклучувајќи ме и мене, беше формирањето на македонска држава. Потоа, што како партија вложивме максимум за успех на референдумот за мене има посебно значење, што се покажа на самиот референдум“

Неспорна бепе одлуката за независност, но во тоа време требаше да се донесе декларација со која се предвидува рамноправност на Албанците во Македонија, смета Исмет Рамадани кој од независноста до денес е пратеник во парламентот:

„Се уште мислам дека уште тогаш требаше некои работи кои беа претпоставени, чекор по чекор, да се обезбеди остварување на правата по институционален пат и тоа многу ќе придонесеше и за мирот во државата и за просперитетот во другите сегменти од животот“

Тоа што можеби го запре развојот на Македонија посочува Китановски е кризата што се случи во 2001 година:

„После Охридскиот договор прашањето на тензиите беше решено и затоа мислам дека сега сите ние треба да се свртиме кон економските прашања и кон евроинтеграциите. Во таа смисла, мислам дека перспективите се реални, особено околу членството во НАТО“

Оптимист за развојот на државава е и првиот претседател на собранието Стојан Андов, кој за разлика од Китановски забележува:

„Имаме проблеми околу спроведувањето на рамковниот договор. Се јавуваат нови и нови барања надвор од него. Но, да бидеме оптимисти. Сепак мислам дека мирот е единствена опција и мирниот демократски развој“

Според советникот за национална безбедност Китановски моменталната состојба во Македонија не е посакувана, но не може да се повтори 2001-та и покрај инцидентите што се случуваат:

„Ако постои опасност, тоа е организираниот криминал и определени терористичко-криминални групи и не сметам дека решавањето на статусот на Косово би требало негативно да влијае врз Република Македонија, без разлика како тоа ќе се реши. Во Македонија досега не успева промоцијата на АНА, иако некои групи се обидуваат тоа да го направат“

Од друга страна, Флоровски вели:

„Сметам дека државата не оди во добар правец и дека барањата на Албанците ќе бидат уште поголеми, помаксималистички. Впрочем, за тоа говорат и последните настани со командант Чакала и верувам дека доколку постојат сили надвор од државава, тие практично ја туркаат Македонија во една нова војна, а би сакал тука да грешам“.
XS
SM
MD
LG