Достапни линкови

logo-print

Ирачката војна е одговор на САД на нападите од 11-ти септември


Американскиот претседател Џорџ Буш побара повеќе пари од Конгресот и повеќе помош од Обединетите Нации за стабилизирање на ситуацијата во Ирак. Во телевизиското обраќање до нацијата тој рече дека ирачката војна е американски одговор на нападите на единаесети септември две илјади и првата година.

Претседателот Џорџ Буш, оценувајќи дека Ирак сега стана централен фронт во војната против тероризмот изјави дека од американскиот конгрес ќе побара осудесет и седум милијарди долари за да се финансираат воените операции и реконструкцијата во Ирак и Авганистан, но и на други места во светот во идната година.

„Ние научивме дека терористичките напади не се предизвикани од употребата на сила, тие се предизвикани од претставата на слабост. И најсигурен начин да се спречат нападите врз нашите граѓани е да се бориме со непријателот онаму каде што живее и каде ги планира тие напади. Денес се бориме со непријателот во Ирак и Авганистан со цел да не го сретнеме уште еднаш на нашите улици, во нашите градови.“

Изјави претседателот Буш чија администрација се соочува со зголемени критики поради скоро секојдневните напади врз американските војници во Ирак.

„Во овие напади има повеќе од заслепен бес. Терористите имаат стратегиска цел: тие сакаат да го напуштиме Ирак пред да ја завршиме нашата работа. Тие сакаат да ја разнишаат волјата на цивилизираниот свет.“

Токму затоа Џорџ Буш побара и поширока улога на Обединетите Нации во Ирак:

„Членките на Обединетите Нации сега имаат можност и одговорност да преземат поголема улога во напорите Ирак да стане слободна и демократска земја.“

Признавајќи дека има несогласувања со Франција, Германија, Русија и некои други држави околу ирачката војна, Буш ја повика меѓународната заедница да најде заеднички јазик во исполнувањето на обврските во однос на Ирак и во однос на одбраната на, како што рече, цивилизираниот свет од терористите. Тој наведе дека сегашниот број од сто и триесет илјади американски војници во Ирак е доволен, но оти е потребно тие да бидат надополнети со сили од другите држави.
XS
SM
MD
LG