Достапни линкови

logo-print

Олеснување на визниот режим


Европската Унија наскоро ќе им понуди на новите источни соседи олеснување при нивното патување во близина на надворешните граници на Унијата по нејзиното проширување. Во предлогот што деновиве беше прифатен од Европската комисија се предвидува на граѓаните на земјите како на пример Русија, Украина и Белорусија кои живеат блиску новите граници на Унијата да им бидат издавани специјални визи.

Европската Унија, со новиот предлог, како што сметаат експертите, сака да покаже дека нејзиното проширување нема да значи подигање на нови гранични ѕидови. Станува збор за таканаречени локални визи за жителите на пограничните региони кои имаат роднини или имоти во земјите што во идната година ќе станат членки на Унијата. Лаура Корадо експерт за визи во Европската Комисија вели дека овие визи ќе бидат различни од оние шенгенските.

„Тоа ќе биде специјален вид виза. Ќе важи само за локална употреба, а не и за патување низ Унијата. Доколку некое лице ќе биде пронајдено со таква виза на друго место освен во пограничната зона, од пеесетина километри, ќе биде вратено. Значи ова виза нема да биде иста со шенгенската.“

Но, Корадо додава дека локалните ќе ги имаат истите безбедносни знаци како и шенгенските визи. Тие ќе бидат бесплатно издавани со важност од една до пет години, но лицето не ќе може да престојува во пограничната зона на Унијата повеќе од седум дена во едно влегување. Во Европската Комисија изјавуваат дека ваквите услови не се договорени со земјите кои во наредната кодина ќе влезат во Унијата. Тие генерални услови, како што се додава, ќе можат да бидат модифицирани во зависност од легислативата на секоја нова членка. На пример, предвидената територија од пеесет километри некоја држава може и да ја намали. Инаку, ваквите локални нема да важат за граѓаните на Хрватска, Романија и Бугарија. Ним за таканаречениот малограничен промет ќе им треба да ги покажат само нивните лични карти. Лаура Корадо вели дека локалните визи ќе можат да се издаваат доколку и новите соседи воведат такви за граѓаните на Европската Унија.

„Ние во предлогот ставивме клаузула во која се вели дека кога некоја членка преговора за ваков вид договор со трета земја мора да обезбеди реципрочност за нејзините граѓани. Тоа е нормално.“

Предлогот наскоро треба да се најде на одобрување од страна на Европскиот парламент со што ќе прерасне во закон. Во Брисел се надеваат дека тоа ќе се случи навремено, односно пред проширувањето на Унијата планирано за Први мај идната година.
XS
SM
MD
LG