Достапни линкови

Полициската акција нема етничка димензија


Полициските активности во кумановско-липковскиот регион се насочени против криминалци, а се со цел да се заштити локалното население од овој регион, едногласни се претставниците на ЕУ, ОБСЕ и САД во Македонија.

„Целта на таа операција е да се воспостави ред и локалното население да се заштити од криминалните групи и акцијата нема никаква поврзаност со етничката димензија“

вели Ирена Ѓузелова, портпарол на ЕУ.

За Филип Сулие од мисијата „Конкордија“ ситуацијата во Македонија е подконтрола:

„Што се однесува до информациите дека групи од Косово доаѓаат во Македонија, тие не се точни. Нашите тимови кои се присутни на теренот ги негираат ваквите информации. Овие гласини се демантираат и од страна на КФОР“

вели Сулие.

И ставот на американската амбасада што го пренесе Дебора Џонс е ист со тој на ЕУ:

„Веруваме дека македонската влада и македонските политичари работат заедно за да ја разрешат оваа ситуација. Сметаме дека не станува збор за криза и дека севкупната ситуација во Македонија е стабилна“

изјави Џонс.

Ситуацијата од 2001 не може да се повтори е заеднички став на меѓународните претставници како и на министерот за внатрешни работи Хари Костов:

„Рековме дека ќе преземеме мерки за коишто експертите сметаат дека се соодветни. Значи, нема да биде бомбардирање на селото со атомска бомба за да уништиме мравка. За такви групи од 20,30 па и 50 лица постојат други методи и тие други методи ќе бидат применувани“
XS
SM
MD
LG