Достапни линкови

Оваа влада генерално се труди нешто да сработи, но пораката што се испраќа е анемична


Слободан Унковски дефинитивно е најпродуктивниот македонски театарски режисер во странство. Тој е славен и баран надвор од Македонија. Неговите претстави се за словенечката, српската и во моментот – грчката публика:

„Во моментот сум во Атина каде што работам во Националниот театар на Грција. Ја работам претставата „Четвртата сестра“ на Словацки, Полјак кој живее во Америка и чии текстови се играат низ цел свет“

Унковски не крие воопшто зошто не сака да работи во Македонија. Тој го критикува сегашниот политички естаблишмент за неговиот незаинтересиран однос кон културата:

„Откога пропадна проектот Мала станица, некако немам желба да работам во Скопје. Тоа е едната страна. А втората страна е што мислам дека генерално, и финаниските услови, а и вкупната организација и мобилизација во добар дел од нашите театри е слаба, млитава и практично не гледам услови да се направи нешто поамбициозно“

Унковски вината ја лоцира генерално – во сите политички гарнитури. Како поранешен министер вели дека е виновен исто толку за маргинализирање на културата, како и сите досегашни министри:

„Јас зборувам и за неговите претходници, така што колку зборувам за него толку зборувам и за себе. Мислам дека театарот бара повеќе средства и повеќе грижа, бара повеќе време и бара искусни луѓе – не партиски кадар, туку бара стручни луѓе“

Ако не е задоволен од оваа влада во контекст на културата, тогаш каква оценка и дава Унковски за работата на оваа влада, генерално, во сите сфери:

„Очигледно, се труди да сработи некои работи, меѓутоа, еден впечаток што го остава во јавноста е крајно анемичен. Така што некој треба да се замисли какви пораки праќа и што можеме да видиме од тоа што евентуално работи“

Слободан Унковски сепак има планови за Македонија. Без оглед што ги заобиколува македонските театри, во неговата последна претстава „Татко“ изборот беа албански глумци:

„Направив една претстава која што ќе се игра, се надевам од септември, во еден нов театар во Скопје што се отвора – тоа е Театарскиот центар во старото кино „Напредок“ . Таму претставите ќе се играат на повеќе јазици и тоа ќе биде нов центар за развивање на театарската уметност воопшто. А оваа претстава ние ја подготвуваме за вечерната сцена на тој центар каде што понекогаш ќе се играат и претстави за возрасни“

Тоа ќе биде мултинаменски центар во Скопје, финансиран од повеќе извори – американски, швајцарски фондови и други. Слободан Унковски нема дилеми дека центарот ќе профункционира. Оставајќи го зад себе сонот за Мала станица како нереализиран проект, Унковски ја очекува македонската публика во Центарот, кој ќе ги црпи своите перформански од современата европска сцена.
XS
SM
MD
LG