Достапни линкови

logo-print

Македонија во фудбалска треска


По летниот блесок на Вардар во квалификациите за европската шампионска лига, Македонија повторно влегува во фудбалска треска. Следната сабота во Скопје доаѓа англиската репрезентација со големите Бекам и Овен како главни ѕвезди. Нашиот национален тим нема шанси за пласман на Евро-2004, но ланските сензационални 2:2 со „гордиот Албион“ во Саутемптон внесуваат доза на нестрпливост и голем интерес. Фудбалската федерација на Македонија веќе подолг период темелно се подготвува за организацијата. Привршува реновирањето на градскиот стадион кој за овој специфичен натпревар доби нови столчиња и кој конечно ќе може да прими гледачи на сите четири трибини.

„Ќе бидат пуштени некаде околу 6-7.000 влезници за јужната трибина и сите влезници за исток и запад ќе бидат пуштени во слободна проидажба. Фудбалската федерација одвои 2000 места што се потребни за МВР и се надевам дека оние скали обоени со жолто и приодите на самата трибина ќе бидат празни. Ниту еден билет нема да има повеќе отколку што има столчиња на градскиот стадион. Исто така, секој редар и секој полицаец кој ќе биде на трибините ќе добие место за седење“

вели генералниот секретар Лазар Митровски.

Според него, казната од 60.000 франци што УЕФА му ја изрече на Вардар за организациските пропусти со ЦСКА и со Спарта ќе биде мотив за ФФМ одлично да го организира спектаклот со Англија:

„Тоа што се случи на натпреварите на Вардар со ЦСКА и со Спарта нема да се повтори. Кој ќе успее на регуларен начин да дојде до влезен билет ќе добие, а ФФМ планира да обезбеди три видео-бимови на плоштадот и се надевам дека тензијата за тој натпревар ќе ја сведеме на малку пониско ниво“

Иако англиската фудабслка федерација им забрани на своите навивачи патување во Скопје, во соработка со МВР ФФМ уште отсега презема значителни безбедносни мерки. За да се избегнат проблеми, секој гледач ќе може да купи само по два билета. Сите ќе бидат прецизно нумерирани и нема да има можности за манипулации:

„Доколку некој гледач се појави на трибините без карта, ќе има служби за интервенции и за исфрлање од страна полицијата, а доколку се појави можен фалсификат и две или три карти на едно место, исто така тука ќе биде крим полицијата со одредени детектори кои ќе установат кој билте е фалсификат. Трибината мора да има онолку гледачи, колку што има столчиња“

Натпреварот Македонија – Англија се игра на шести септември.
XS
SM
MD
LG