Достапни линкови

logo-print

Кривична одговорност за Љубе Бошковски


До 12-ти септември МВР се очекува да поднесе кривична пријава против поранешниот министер Љубе Бошковски, поради злоупотреба на службената должност, односно финансиски макверзации во ова министерство.

„Тоа значи дека Николетка Митанова и господинот Љубе Бошковски во тоа време согласно своите обврски и работни задачи биле овластени да потпишуваат. Се друго е техничко мислење, правно мислење, економско мислење итн.“

изјави портпаролот на МВР Мирјана Контевска. Се работи за неколку милиони долари што МВР ги платила за изработка на проекти, набавка на оружје, тендерот за изработка на патните документи и слично, што до ден денеска не се реализирани.

„Ваквиот начин на уплата е спротивен на одредбите од член 59 од Законот за јавни набавки. Значи, пред испораката е уплатена вредноста. При извршените набавки на оружје и оружена опрема, во текот на 2001 и 2002 година, не е пресметуван и уплатуван данокот на додадена вредност. Евидентирани се аванси на вработени за службени патувања и други намени за кои не се поднесени патни сметки и не се вратени заклучно со 31 декември 2002 година. Не е постапено согласно со правилникот од 1 јуни 2001 година за видот и начинот на доделување награди, благодарници и признанија. Односно, според член 4 предметните награди се доделуваат во вид на огнено оружје – пиштол и пушка – кои според видот и марката не спаѓаат во современо формациско вооружување на министерството најмалку 10 години“

МВР успеало да ги врати назад поголемиот дел од средствата што биле доделени на фирмата „Хјулит Пакард“ за изработка на патните документи. Остануваат уште 670,000 американски долари, појасни помошникот за финансиски прашања, Гоце Волчевски.

„Ние повлековме 2,2 милиони, а за 1,4 милиони, како што ви кажав, имаат извршено испорака на компјутерска опрема која ние како МВР уште не ја примаме и се наоѓа на меѓуграничен простор. Сето тоа ќе биде предмет на овие разговори кои се во завршна фаза и кои дефинитивно ќе го одредат статусот на проектот. Не би сакале да даваме дополнителни информации за проектот, за да не им наштетиме на преговорите“
XS
SM
MD
LG