Достапни линкови

logo-print

Вечерва реваншот против Спарта во Прага


Вардар попладнево е на чекор до европската фудбалска елита. Пласманот во Лигата на шампионите, најпрестижното фудбалско натпреварување на стариот континент, колку и да звучи неверојатно, е на дофат. Во реваншот вардарци влегуваат со негатива од еден гол, резултатот 3:2 за Спарта од првата средба во Скопје го става домаќините со едната нога во Лигата на шампионите. Но, со повторување на играта од второто полувреме од Скопје, без судиски неправди и со малку среќа, вардарци може да се надеваат на реприза од Москва, кога пред само четири недели го совладаа рускиот шампион ЦСКА. Предноста е на страната на Спарта, но не се предаваме, вели тренерот на Вардар Зоран Стратев:

„Во секој случај, иако противникот е во предност како резултатска така и поради домашниот терен, сепак има надеж дека може да се избориме за поволен резултат. Однапред не ни помислуваме да се предадеме. Ако можевме да одиграме добро во Москва и сў до последните моменти од мечот да имаме капитална предност од два гола разлика, не гледам причина зошто тоа да не се повтори и во Прага. Иако Спарта славеше во Скопје со 3:2 мислам дека не е ништо завршено. Името на патникот во натпреварувачката фаза по групи во Лигата на шампионите ќе биде познато по денешниот меч. Со исклучок на Тасевски сите фудбалери ми стојат на располагање и уверен сум дека сите оние кои ќе ја добијат довербата ќе го дадат максимумот.“

Домаќините пак, сметаат дека огромен дел од работата завршиле во првата средба, но дека не е се готово. Најдобриот играч на Спарта Карел Поборски вели:

„Сеуште го немаме обезбедено пласманот. Голем дел од работата на патот до Лигата на шампионите е завршен, но можеше да биде и подобро. Не чека тешка задача.“

Спарта во чешката лига од пет средби има девет бодови и се наоѓа на петтата позиција на табелата. Двете победи ги има забележано на домашен терен, а на гости до сега три пати ремизираше.

За разлика од големите светски фудбалски клубови чии гостувања се следат од огромен број навивачи и новинари, вардаровата експедиција во Прага броеше 48 места, а во неа немаше место за најверните навивачи и новинарите. Синоќа, вардарци имаа шанса да го почувствуваат теренот во Прага и во терминот на вечерашниот натпревар одржаа тренинг на игралиштето на Спарта. Инаку, во Прага интересирањето за средбата не е големо, а влезниците се по популарна цена. Утеха за поразениот од „двомечот“ е пласманот и учеството во првото коло на купот на УЕФА.
XS
SM
MD
LG