Достапни линкови

Илија Филиповски, министер за економија. Неопходни промени во нездравата деловна средина


Би ве замолил на почетокот за куса оценка за тоа каква е состојбата во економијата?

Па, во првиот квартал од годинава имаме зголемување на БДП од 2,2 насто. За првите шест месеци, веќе доаѓаме до 2,5 насто зголемување на БДП и до крајот на годината очекуваме зголемување меѓу 2,75 и 3 насто. Значи, доаѓаме блиску до она што значи остварување. Во делот на инфлацијата е под планираната, трошоците на живот се помали од лани. Во извозот имаме зголемување 30 насто за шест месеци, во увозот имаме зголемување за 27 насто. Значи, имаме одредени тенденции кои се значајно подобри од она што го планиравме. Во делот на БДП и индустриското производство, кое имаме за првите седум месеци 3,5 насто зголемување. Мислам дека се држиме на предвидената политика. Тука, мислам дека е важно да се каже дека политиката на оваа влада со стегање на каишот, резултатите доаѓаат со намалувањето на каматните стапки и тука би требало да биде еден добар ефект за стопанството. Се надевам и очекувам дека со оваа политика која во овој момент значи стегање, но потоа очекувам дека каматните стапки ќе паднат и се надевам дека ќе имаме едноцифрена каматна стапка. Во тој дел мислам дека политиката на владата се остварува.

Меѓу клучните проблеми е отвореното прашање на фирмите загубари?

Па, тоа е жешкиот костен за ова министерство. Имаме 24 претрпијатија во ФЕСАЛ аранжманот и ние сме со обврска според ФЕСАЛ кон Светската банка и ММФ, но исто така и кон комисијата на ЕУ до крајот на годината да ги решиме 24 загубари. Досега продадени се околу шест претпријатија. Она што ги консултираме газдите кои ги купија тие фирми, очекуваме дека до крајот на годината ќе дојде до вработиување во овие фирми на две до три илјади вработени. Имаме три претпријатија во кои имаме сериозни проблеми, но очекувам дека до крајот на годината и нив ќе успееме да ги решиме. Тоа е прашањето на топилницата Велес. Второ, со Нова Македонија за која исто така е отворена стечајна постапка и Газела, но тука многу зависи од односот на судовите кон овие прашања. Не бараме да се решава како владата бара, но се надеваме на приоритет на овие предмети, со оглед на тоа дека имаме аранжман со Светската банка и ММФ да се решат на начин на којшто судиите мислат дека тоа така треба да се реши.

Ќе се стигне ли да се приватизираат некои од фирмите за кои е речено дека треба да се заврши како процес?

Јас очекувам дека најголем дел ќе се приватизираат. Можеби неколку фирми ќе останат за кои нема да се најде купувач и тогаш за тие фирми треба да се бараат со други решенија. Во министерството за економија размислуваме, и наскоро ќе излеземе со предлог до владата, фирмите што нема да се продадат да се прогласат за слободни економски зони и да ги понудиме во вид на концесија на некои фирми од надвор и да отвориме слободни економски зони повеќе, на тој начин да дојде до активирање на тие капацитети. Можеби, не во намената за коишто тие се градени, но да се искористи просторот за да се отвори бизнис и да се дојде до вработување.

Деновиве, ја промовиравте програмата за вложување странски капитал во државава? Кога може да се очекува стартот и првите ефекти?

Би рекол прво дека Македонија е единствена земја која нема таква институција од земјите во транзиција, а исто така и од развиените земји од западна Европа и Америка. Вториот проблем што има повеќе институции што се занимаваат со инвестиции, но никој од нив не е концентриран дека од тоа му значи животот, и развојот и напредокот, туку секој по нешто чепка, но никој ништо не работи. Од тој аспект, министерството излезе со предлог се што се занимава со инвестиции да престане со работа и да се концентрира во една институција, за инвеститорите да знаат точно на кое место треба да се обратат. Самото формирање на агенцијата очекувам дека ќе го направиме до крајот на годинава, и да почне со работа од јануари идната година. Но, едно е проблемот формирањето на агенцијата. Друг е проблемот создавањето на здрава деловна средина во Македонија. Ако некој ме слуша од инвеститорите сите тоа го знаат, дека за да се добијат потребните дозволи потребно е да поминат најмалку две години чукање од врата на врата за да се добијат сите потребни дозволи и во тој дел не се исклучени можностите за корупција и слично. Значи, проектот е да се надминат тие бариери и на едно место да се добиваат сите можни дозволи. Агенцијата не е таа која денеска ќе ја формираме и утре ќе ги даде резултатите. Агенцијата ќе ги даде резултатите ако државата ги створи овие услови, да може аганцијата тоа да го промовира да оди во одредени региони и да носи инвеститори во Македонија.

Има забелешки од малостопанствениците за блокираност на економските текови во државава?

Би рекол дека малостопанствениците можеби се во право. Не можеби, веројатно се во право. Ние донесовме програма. По таа програма имаме формирање агенција за поддршка на претприемништвото. Законот е во сорабниска процедура. Врз основа на тој закон треба да се постави институционалната поставеност за поддршка на малото стопанство, поврзување на агенцијата со регионалните центри со локални центри, со консултантски куќи и формирањето на гарантен фонд кој треба да ги надмине денешните фрустрирачки проблеми што ги имаат банките околу барањето хипотека два спрема еден, или надвор од Скопје хипотеките и не им ги прифаќаат. Не можете да му барате на стопанственик бизнис план од 50 страни, а тој треба да добие кредит од 10 или 15 илјади евра. Половината пари треба да ги даде на некоја консултантска куќа да му направи бизнис план. Треба целиот систем да го прилагодиме на она што значи поддршка на малостопанственикот, се разбира и банката треба да биде обезбедена.
XS
SM
MD
LG