Достапни линкови

Слаб интерес за конкурсот за офицери


Застапеноста на Албанците во АРМ бележи тренд на зголемување, меѓутоа се забележува и слаб интерес за пријавување на конкурсот објавен на МО за офицери Албанци:

„Не дека не се пријавуваат, но реалните околности се такви, дека има многу малку Албанци кои имаат завршено факултети од типот на правен, економски, машински, електро или медицински, а се помлади од 28 години што е критериум за тие да бидат примени. Една од објективните околности за тоа е што се уште не е решен проблемот со дипломите од тетовскиот универзитет и статусот на оние кои дипломирале на Косово. Така што, по решавањето на проблемот со дипломите на овие два универзитета, очекуваме идната година да имаме поголем прилив на кандидати“

вели заменик министерот за одбрана Ризван Сулејмани, кој појасни дека вакви курсеви ќе се организираат и наредните неколку години, а бројот на кандидатите ќе изнесува од 28 до 30. Зголемувањето на борјот на Албанците во Армијата се забележува во подофицерските кадри, како и во професионалниот состав. До пред една година, застапеноста на Албанците во АРМ изнесуваше 2.4 насто, вели заменик министерот Сулејмани:

„Видни промени во овој период имаме во делот за подофицери и професионални војници, така што денеска имаме 188 подофицери Албанци, што во проценти изнесува 9,03%, како 163 професионални војници или 5,22%. Денеска вкупната застапеност на Албанци во АРМ е 4,93%“

Овој процес се очекува да биде завршен до крајот на 2006-тата година вели заменик министерот за одбрана Сулејмани:

„Овој план предвидува динамика која ќе треба да се заврши до 2006-7 година, кога Република Македонија реално очекува да добие покана за членство во НАТО“
XS
SM
MD
LG