Достапни линкови

Славко Петров, министер за земјоделство. Првите договори за државното земјиште во средината на септември


Кога може да се очекуваат првите договори со идните корисници?

Врз основа на одлуката што владата треба да ја донесе овие денови за утврдување на висината и видот на помошта што треба да ја дадеме на оваа категорија на корисници на државно земјиште, очекуваме дека првите договори ќе можеме да ги потпишеме некаде во средината на месец септември, што ќе рече дека ќе можеме да стартуваме со реформата на терен пред есенската сеидба

Каков е интересот што стечајците или социјалните случаи го манифестираат во овој период да станат корисници на ова земјиште?

Засега над очекувањата, со оглед на фактот што уште при првата посета веќе имавме список од 209 кандидати за користење на такво земјиште. А по нашето заминување и настапите на телевизија и пред граѓаните во Свети Николе, тој број се вдвои. Тоа ќе рече дека до овој момент околу 400 луѓе веќе се кандидати за добивање такво земјиште. Мислиме дека во првиот бран ќе можеме да ги задоволиме барањата на околу 400 до 600 луѓе коишто ќе можат во обработката на ова земјиште да ја најдат својата шанса за егзистенција

Каков е вашиот коментар во поглед на воздржаноста, забелешките, резервите што се имаат околу тоа во колкава мера владата ќе им обезбеди на овие корисници погодности да успеат? Односно, во колкава мера ќе се погрижите и за пласманот на производството?

Мислам дека таквиот скептицизам е без основа. Реков и сега ќе повторам: шансата да добијат земјиште ќе ја имаат еднаш, а шанса да се откажат ќе имаат во сите четири или пет години. Има оправдани стравувања, особено во поглед на пласманот, меѓутоа за земјоделски производи и храна секогаш ќе има потреба, а државата преку потпишување на 11 договори за слободна трговија и на договорот со Светската трговска организација, веќе обезбедила пласман на сите производи од Република Македонија, како што овозможила и пласман на производите на другите во Македонија. Бидејќи во Македонија не се произведува само во земјоделството, туку и надвор од него, како и сите во оваа држава така ќе се потрудат и овие луѓе, со тоа што поддршката на државата во обезбедувањето услови за таков пласман нема да изостане, но не треба да се очекува дека државата сама ќе го прави пласманот, бидејќи таа не е трговско друштво и не може да се занимава со тоа.
XS
SM
MD
LG