Достапни линкови

Анан демантира дека ќе биде повлечен персоналот на ОН


По вчерашниот самоубиствен напад врз седиштето на Обединетите Нации во Багдад, при што загинаа најмалку 20 луѓе, меѓу кои и специјалниот пратеник Серџо Виера Де Мело, генералниот Кофи Анан демантира дека Светската организација ќе го повлече својот персонал од Ирак. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, кој наиде на остра осуда од целата меѓународна заедница.

Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан за денеска закажа консултации со членките на Советот за безбедност во врска со нападот во кој загина и Кристофер Клаин Бикман, координатор на УНИЦЕФ за Ирак, а беа повредени уште 86-мина службеници на Обединетите Нации. Анан оцени дека персоналот на Светската организација ќе остане во Багдад и покрај бруталниот акт кој беше насочен не само против Обединетите Нации, туку и против Ирак. Портпаролот Фред Екард вчера ја пренесе изјавата на Анан дека Обединетите Нации се шокирани од нападот.

„Ништо не може да го оправда овој акт, ова неиспровоцирано убиствено насилство против луѓето кои дојдоа во Ирак со единствена цел, - да му помогнат на ирачкиот народ да ја обнови независноста и сувереноста, да ја реконструира земјата и да си избере свои лидери.“

Светските лидери остро го осудија нападот врз штабот на Обединетите Нации во Багдад. Кина и Русија зазедоа став дека Светската Организација не треба да ја суспендира својата мисија во Ирак, туку мора да ја зајакне својата улога во обновата на земјата. Со сличен став и американскиот претседател Џорџ Буш.

„Ирак е на неповратен курс кон сопствена влада и мир, и Америка како и нашите пријатели од Обединетите Нации ќе останат со ирачкиот народ се додека не биде обезбедена нивната иднина.“
XS
SM
MD
LG