Достапни линкови

logo-print

Жална слика во родното село


Децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија се подготвуваат за средбата што утре за првпат треба да се одржи во Лерин. Нивниот егзодус дојде како последица на граѓанската војна во Грција. Донесуваме сеќавање од Танас Поповски кој учествуваше во таа војна, а по многу го посети неговото родно место:

„Многу жално. Отидов таму да барам куќа – куќа нема. Излезе комшијата и ме праша на грчки: што бараш? Му велам: јас сум Танас Поповски, си ја барам куќата. Ете ја, вели, пред тебе, уништена е. Жално изгледа. Од друга страна, добро е што си ги видовме местата каде што се родивме и каде што живеевме како деца. Отидов во училиштето и во црквата“

Вака го раскажува искуството од посетата на своето родно место Танас Поповски, роден пред 75 години во Егејска Македонија во село Роби, Леринско.

„Бев сиромашно дете. Татко ми умре млад, останавме сираци и почнавме да пасиме овци и волови. Потоа дојде граѓанската војна и започна тењророт. Ние бевме млади деца и моравме да заминеме во планината. Три години бевме партизани, до 29 август кога не поразија“

Танас Поповски ја делеше судбината на голем број македонски партизани од Егејска Македонија:

“Дојде тоа што дојде. Бевме поразени исклучиво од Америка и Англија. Благодарение на тие две држави ние моравме да капитулираме. Не прибра Албанија каде што седевме два-три месеци, а оттаму со брод не префрлија во Ташкент“

Во шеесетите години семејството Поповски доаѓа во Македонија:

„Подруго е тука, како Македонец. Во родното место си, имаш свој јазик...“

Убаво е што Грците сега дозволуваат бегалците да се вратат, да ги посетат своите родни места, вели чичко Насто, кој исто така би сакал да оди во селото во кое ја поминал младоста:

„Ми се оди. Ми се оди, ама, за жал, немам никого таму. Мојата куќа е целосно изгорена, уништен е и гробот на татко ми“
XS
SM
MD
LG