Достапни линкови

Позитивни одгласи во Прилеп


Владината одлука за доделување државно земјиште за социјалните семејства и невработените, кои така би ја обезбедувале својата егзистенција, главно наиде на позитивен одѕив кај прилепчани. Но, социјалците сметаат дека државата треба да се погрижи да обезбеди пласман на стоката, а и други предуслови. Како што велат:

„Како политичка одлука – вреди да се поздрави. Меѓутоа, како економска – не сум баш сигурен, од причина што треба да има обезбедено барем и некаков пласман и да има некаква стратегија. Да се знае: што ќе се работи, во колкава количина, каде ќе се пласира. А не само да му се даде некому земја и да се остави на милост и немилост“.

„Социјалните случаи се социјални. За да ја обработуваш земјата, треба да имаш поддршка – во семе, механизација и сл. Ако се создадат предуслови – в ред. Има луѓе кои сакаат да работат и да си ги обезбедат семејствата“

Во Бирото за вработување веќе има голем интерес:

„Постојано се јавуваат лица, невработени, и се интересираат за иницијативата на владата за доделување на земјоделско земјиште. Ние упатствата уште ги немаме. Интерес постои, а реализација ќе има во оној момент кога ќе добиеме соодветни упатства“

информира директорот Зоран Бонески.

А подрачниот началник на Министерството за земјоделство Методија Орданоски вели дека се евидентирани околу 6000 хектари земјоделско земјиште, за чија распределба треба да биде објавен тендер. Инаку, во Прилеп има над 27 000 невработени и над 5 000 семејства постојани корисници на социјална помош.
XS
SM
MD
LG