Достапни линкови

Абдулменаф Беџети, претседател на ПДП. Среќа е што немаме алтернатива на охридскиот договор


-
Неодамна изјавивте дека имплементацијата на Охридскиот договор се одвива бавно и изразивте скептицизам дека тој може да се имплементира до крајот на наредната година. На што ги базирате ваквите тврдење, господине Беџети?

-
Па, врз основа на тоа колку се оствари досега. Значи, ако нешто се проценува врз основа на интензитетот, динамиката и капацитетот на имплементацијата во овие девет месеци на владеење на оваа структура, тешко тоа ни дава надеж дека нешто ќе се подобри во наредната година. Така што цениме дека тоа не може да биде, врз основа на определениот интензитет и динамика од страна на самата влада, која ги постави и роковите, и активностите што треба да бидат реализирани со Охридскиот рамковен договор.

-
Кога станува збор за Охридскиот договор, тука е неизбежно и прашањето за можноста вашата партија да се приклучи на идејата на ДПА за самоопределување на Албанците во Македонија, доколку тој не биде имплементиран во роковите кои сама ги определи актуелната влада?

-
Идејата за самоопределување е чисто авторско право на ПДП и таа датира од пред десет години, пред некое ново откритие од ДПА. И ПДП не се поместува кон ДПА, туку ДПА доаѓа до поранешната идеја на ПДП. Во тој правец беше објаснето дека ПДП ќе наоѓа наќини и средства, доколку не се имплементира Охридскиот договор во динамиката предвидена од самата влада, дека ќе изнајде соодветни средства и начин да ги оствари своите програмски определби и за среќа во моментот ние се уште немаме алтернатива на Охридскиот договор. Меѓутоа, и порано, додека ПДП делуваше во владата, често пати ги имаше истите ставови. И тогаш таа перманентно велеше: доколку вака споро оди развојот на авансирање на граѓанските и етничките права на другите етнички заедници, ќе дојде до поголема конфликтна криза во Македонија и тоа се случи. Исто и сега само најавуваме и предупредуваме дека доколку продолжи вака, со оваа динамика, можно е да се кренат тензиите и да се раѓаат нови меѓуетнички конфликтни ситуации во државата, бидејќи после војната којашто се одвиваше седум месеци граѓаните не чувствиваат дека нешто е подобрен нивниот живот во правец на колективните права, па ако сакате и на економскиот стандард на граѓаните.

-
Тогаш, кадфе го гледате излезот од ваквата ситуација? Мислите ли дека е потребно интензивирање на активностите на претставниците на меѓународната заедница?

-
Не, јас не сум приврзаник на тоа дека понатаму треба исклучиво да се потпираме врз помошта на меѓународната заедница, затоа што и тие ресурси веќе се при крај. Ние треба да го оставиме зад нас периодот на донаторска зависност, да не речам питачкиот менталитет и само да бараме други да ни ги решаваат проблемите. Единствено можно решение е да се вратиме кон самите себе си, реално да ја констатираме состојбата, да пресечеме и реално да повлечеме една линија – до каде реално можат да се развиваат политичките процеси на меѓуетнички план. Мојата интенција цело време е да не се продолжува со камуфлирање и со давање лажна надеж на граѓаните дека Охридскиот договор ќе се имплементира до точка и запирка. Подобро е да се вратиме кон реалноста и колку таа да е сурова, на граѓаните да им се каже дека реформите во овој процес, во политичкиот развој на нештата, секако дека треба да бараат и жртви. Се разбира, ова е тежок процес и затоа е неопходна политичка стабилизација на состојбите на планот на безбедноста и да се почне еден процес на делување на правната држава.

-
Постои ли реална можнст за федерализација на земјата со новата територијална поделба и децентрализација на власта што е еден од најкомплексните закони кои произлегуваат од рамковниот договор?

-
Тоа пренагласено се истакнува од македонските политички партии, за да не дојде до тоа. Меѓутоа, јас сметам дека не постои таква опасност. Пред се затоа што се знае како се уредува политичкиот систем на една држава. Но, истовремено сум сигурен дека не може да се стопира или пак да се забрани некаква регионализација и соработката на идните општини во многу области. Тоа вие не можете со декрет или со политичка желба на некакви партии да забранувате утре, на пример, да соработуваат општина Тетово и Гостивар во еден регионален проект за економски развој, на пример. Тоа не можете да го стопирате дури и под претпоставка дека тоа претставува прв чекор кон некаква идна федерализација на земјата. Етнички државата и така е федерализирана, дури ако сакате и јазично. Тоа што ние импровизираме други форми, е веќе друга работа. Меѓутоа, со самиот чин што вие во државата имате двојазичност, во уставот на државата имате на некој начин федерачизација.

-
Која е вашата општа оценка за работата на владината коалиција во овие девет месеци, посебно на безбедносен и економски план?

-
Од безбедносен аспект се прават напори и можам да речам дека во даден момент тоа се и максимално можни напори, за да се стабилизира државата. Меѓутоа, од економски аспекти сме апсолутно незадоволни, ниту пак ние очекувавме којзнае какви резултати. Нашите очекувања беа на време обајвени и скептични дури пред шест-седум месеци. Јас јавно сум пишувал пред седум месеци, на пример, дека Бранковиот закон е економско промашување, дека такво нешто беше видено пред пет години и дека не може пак да даде резултати. И, еве, тоа се потврди. Од економски аспект јас не гледам некаква си перспектива. Знаете, во една држава во којашто секој ден централно место зазема министерот за внатрешни работи или министерот за одбрана, не можете да претендирате да имате економски развој. Додека поцентрална фигура во државата е министерот за полиција, отколку министерот за економија или за финансии, вие секогаш ќе имате или тоталитарна, или држава која на некој начин се справува со безбедносно-политичките тензии во државата, а не може да станува збор за економски развој. Економскиот ресор во владата и економските министри се под сенка на сите овие околности. Се разбира, политичко-безбедносната ситуација е предуслов за да се создаде економски амбиент. Но, тоа треба и така да се цени. А не може да се испаѓа со мегаломански идеи дека ќе правиме напори да вработиме толку или онолку, дека имаме програма за вработување најмалку на по еден припадник од секое семејство, во услови кога немате апсолутно идентификувано кои се тие мерки што треба радикално да ги преземете за да го остварите тоа нешто. Значи, имате само желби. Во секој случај, на економски план владата ниту одблиску не го исполнува ветеното.

-
Стремежите на Македонија и на сите политички партии кои делуваат во земјата се интеграција во Европската Унија и северноатланската алијанса. Според вас, уште колку време и е потребно на Македонија за постигнување на стандардите за членство во овие организации?

-
Ние ја гледаме Европа само од позитивната страна. Не сакаме истовремено да ги прифатиме обврските што треба да се исполнат за да бидеш членка на тоа семејство. Во Европа не тече мед и млеко. Јас многу порано, врз основа на економските параметри, имам направено проценка, па дури таа често и се злоупотребува, дека ние сме крајно скептични затоа што сме предвиделе, според економските параметри, дека Македонија треба да биде членка на Европската Унија во 2040 година. Јас опстојувам на тоа дека исклучиво според економските параметри, така и треба да биде и тоа е мошне амбициозно. Затоа што се знае дека БДП треба да изнесува 60 отсто од земјите членки на Европската Унија. Тој просек ние можеме да го постигнеме само за наредните 40 години. Но, се разбира дека никогаш не биле пресудни само економските параметри за зачленување во Европската Унија. Дури, често пати политичките и геостратешките услови биле подоминантни, како што беше случајот со Грција, Португалија и некои други земји коишто во моментот се изразито под просекот на Европската Унија.
XS
SM
MD
LG