Достапни линкови

Целосна реорганизација на јавниот сектор во Македонија


Во земјва а, очиглено, може да се менува се, но не и бирократијата – коментираат граѓаните кои, како што велат, на шалтерите се чека по повеќе часови а понекогаш и со денови за да се дојде на ред да се поднесат документи:

„За шалтерите, што да кажам – ужас. Еве, од шест сум станата за да дојдам порано и да стигнам којзнае која по ред“
„Секој ден е вака. Ова е катастрофа со паузите! Ова ли е служба. Не знам што да ви кажам“

Вработените, пак, не се расположени да говорат за проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Едноставно велат: не сакаме да коментираме. Освен чекањето пред шалтерите, се чека и за добивање на документите. Притоа, вработените немаат предвид дека станува збор, на пример, за старо лице. Бараме имотни листови за куќа, стан, земјиште и слично и тоа за работи што ги поседуваме. Зошто да чекаме и по неколку месеци? – револтирано прашуваат луѓето кои чекаат пред Геодетската управа:

„За имотен лист доаѓам неколку пати. Времето за добивање на тој имотен лист е предолго“
„За едниот документ ми велат дека ќе го добијам по две недели, а другиот околу Нова година, а се работи за старо лице кое треба да потпише а тоа може да почине секој ден. И тогаш?!“
„За еден документ требаат неколку месеци. Јас имав среќа, можеби, да извадам документ за два месеца, а другите чекаат по шест месеци и по една година, што е ненормално. Затоа што податоците треба да ги имаат во компјутер и веднаш да се достапни. А тие се бараат рачно или воопшто не се бараат“

Граѓаните посочуваат и дека не се почитуваат многу работи. Организацијата не е добра. Ако сакаш да завршиш работа, велат тие, потребно е да се најдат познати. Постои мито и корупција и тоа во сите институции:

„Ми велат – јас сега дојдов од одмор и не знам од каде да почнам. Белки се образовани и не треба јас да и кажувам од каде да почнуваат“
„Многу работи не можат да се остварат затоа што не соработуваат со физичките лица, туку се испраќаат документи на институции и така се поттикнува корупцијата. Не само катастарот, туку сите институции треба да се реорганизираат – почнувајќи од вадењето извод за родени, па до пасош и други документи. Секој документ се добива тешко“
XS
SM
MD
LG