Достапни линкови

Разонода има, пари нема


Ноќниот живот во најголемкиот туристички центар во земјава Охрид се одвива не само во кафулињата, ноќните клубови и дискотеките, туку и на летните драмски и музички сцени. Но, и во Градскиот парк, каде што до утринските часови седат младите. Поголемиот дел од граѓаните се задоволни што за разлика од вонсезонскиот период, кога Охрид е мртов град, ова лето туристите и гостите можат да избираат од богатата понуда, во која влегуваат по неколку изложби, промоции, концерти и разни други случувања само во една вечер.

„Од една страна тука се сите оние манифестации во рамките на Охридско лето, најразлични концерти на класична музика, концерти на рок музика, драмски претстави, а исто така и забавниот живот е интересен – мноштвото на дискотеки, кафулиња коишто нудат добра забава“ – вели една охриѓанка која секоја вечер ноќното излегување го започнува на фестивалските претстави а го завршува крајбрежните кафулиња.

Ноќните клубови се резервирани за младите и за оние кои сакаат гласна музика и забава до доцна во ноќта.

„Имаш кафулиња, имаш дискотеки, имаш јадење, пиење, играње, шетање, се. На некои места одат помлади, на други малку постари.Ќе си одиш каде што ти е местото“

Според оваа гостинка, во охридскиот ноќен живот речиси ништо не недостасува. Таа сугерира објектите за забава да бидат почисти и посредени.

Во рестораните и на нивните летни тераси со тивка староградска музика излегуваат повозрасните:

„Па знаете како, во наше време актуелен беше Палас и игранките таму. Во суштина, она што мислам дека е страшно е што се чувствува недостаток на пари“ – вели познатиот адвокат Тома Фила кој 50 години летува во Охрид.

Според него, не се менува толку ноќниот живот, колку стандардот на граѓаните кои, кога би имале посигурна работа и соодветна плата, би се забавувале побогато.

Новина во ноќната слика на Охрид ова лето се младите кои со пијалак и ролери се забавуваат во Градскиот парк. Според нив во ноќниот живот на туристичкиот Охрид:

„Недостасуваат некои малку поинакви клубови, и поинаква музика, која секаде е иста. Нема каде да се излегува, нема разновидна понуда, па мора да одиме во паркот, каде во позитивна атмосфера со друштвото остануваме до доцните часови“ – велат гостите од Белград кои секоја вечер ја завршуваат на клупите во Градскиот парк во Охрид.
XS
SM
MD
LG