Достапни линкови

Регионалната соработка е предуслов за членњство во Европската Унија


Суштината на работата на Европската Унија е токму регионалната соработка. Оттука, нашата земја мора да соработува прво со соседите и пошироко, и тоа во сите области – смета Радмила Шеќеринска, потпретседател на македонската влада која е одговорна за евроинтеграциите:

„Регионалната соработка е нормален предуслов во процесот на интегрирање кон Европската Унија. Бидејќи, логиката на Европската Унија е всушност ширење на круговите на регионална соработка. Ако почнало од Франција и Германија, па потоа на тоа се залепиле земјите на Бенелукс, па Велика Британија, се гледа дека тој систем на концентрични кругови се шири. И се шири само заради тоа што е обезбеден принципот на желба, амбиција и знаење како да се развива регионалната соработка. Целата политика или целата логика е дека ако вие не знаете да соработувате со своите први соседи, со кои што делите голем број од проблемите, тогаш како ќе соработувате со едно семејство на 15 плус 10 и плус 20 земји коишто имаат многу често и поспротивставени мислења и поспротивставени интереси“.

Вицепремиерката информира дека согласно со спогодбата за стабилизација и асоцијација, регионалната соработка р прашање на обврска, а не на желба на државите:

„Постои директна обврска во спогодбата, дека во рок од две години по нејзиното стапување во сила, Македонија ќе мора да потпише специјални спогодби за регионална соработка со земјите коишто се опфатени со процесот. Во тој момент, претпоставува, уште само Хрватска ќе има ратификувана спогодба за стабилизација и асоцијација, меѓутоа, генерално, треба да се промовира тој дух на регионална соработка за различни политички, економски и други прашања. Ние тука немаме што да изгубиме. Македонија, за разлика од некои од земјите во регионот коишто имаат прилично проблематични или проблематизирани прашања со своите соседи, ние, освен проблемот со Грција околу имаето, таков проблем немаме“

Се разбира, вели таа, сите што сметаат дека се малку понапред во процесот, се плашат од тоа дека регионалниот пристап може да ги загрози. Меѓутоа, во исто време Шеќеринска посочува дека индивидуалните постигнувања на државите не се вреднуваат:

„Тоа претпоставува дека Македонија и Хрватска од време на време тоа го почувствуваат, како земји со потпишана спогодба, меѓутоа, видливо е од досегашниот процес на проширување, дека индивидуалноста и индивидуалното оценување никогаш, или ретко кога се загрозени поради овој регионален пристап на Европкста Унија. Така што, без разлика на дилемите, мислам дека регионалната соработка е нешто на што Македонија поентира“.
XS
SM
MD
LG