Достапни линкови

logo-print

Неубедени дека се создадени можности за инвестирање


Безбедносната состојба е една од главните причини поради која македонските иселеници не се одлучуваат да инвестираат во својата земја. Немаме намера да инвестираме во место каде што не би биле сигурни за иднината на нашите пари, кои сме ги заработиле со пот – велат иселениците кои неколку дена овде во Македонија ги минаа среќавајќи се со претставниците на политичките партии, кои пак се обидуваа да ги убедат да почнат да инвестираат во земјава:

„Луѓето се делат на човек и нечовек. А ние сме живееле заедно и треба да продолжиме така. Мене ми беше целта да слушнам од вас каква ќе биде перспективата за инвестиции, зашто за инвестиции требаат гаранции“ – вели Младен Поповски кој живее и работи во САД.

Неговото мислење го делат и другите иселеници:

„Во овој контекст, сакаме да профункционира правната држава – да се постават и да се спроведуваат законите, без оглед кој што е, дали е од македонско, албанско, српско или некое друго потекло. Законите мора да се спроведуваат за сите подеднакво“
„Можете ли да ни дадете гаранција за стабилноста?“
„Ние сакаме да добиеме една гаранција, сигурност, за да можеме да се вратиме назад и нормално да живееме во овј крај“

Имаме заробени девизи во македонските банки, а државата од нас бара да инвестираме нови средства – раскажува еден млад иселеник:

„Инвестирањето сега за сега не ни е безбедно. Ние како помлади да се вратиме и да инвестираме не е лесно. Јас од тука сум заминал 1977 година, од село Непроштено, каде што моите роднини се вратија. Јас и татко ми имаме заробени девизи во банка. Тие пари не ни ги даваат, а бараат други инвестиции. Тоа не ни пасува и не се чувствуваме комотни да инвестираме тука“.
XS
SM
MD
LG