Достапни линкови

Зголемен оптекот на фалсификувани пари


Сезоната на летните одмори во Европа традиционално е најактивниот период за фалсификаторите. Информациите говорат дека летово нема да биде исклучок. Така, во една од најпопуларните туристички дестинации – Грција, трговците се презафатени со инсталирање специјални машини за скенирање и откривање фалсификувани евра. Тие велат дека во споредба со лани биле забележани повеќе лажни пари и тоа од оние банкноти со деноминации помали од 5 евра. Аристел Мекалан, експерт од Европската централна банка во Франкфурт, ги потврдува ваквите наоди:

„Во споредба со минатата, бројот порасна оваа година. Но, лани еврото беше нова валута и немаше многу време за фалсификаторите да ја репродуцираат“

Европската банка е задолжена за издавање и заштита на оваа валута која се употребува во 12 земји од Унијата. Меѓутоа, еврото е во оптек и во некои делови на поранешна Југославија каде што претходно се употребуваше германската марка. Оваа банка, со многубројни потези ги запознава трговците и граѓаните како да разликуваат вистинско од лажано евро. Станува збор за водени жигови, холограми, и знаци кои можат да се видат само на ултравиолетови зраци, како и специјални мастила, хартии и букви. Мекалан смета дека со малку познавање и практика секој може да научи да ги детектира лажните пари:

„Не ви треба некаква специјализирана опрема. Се што ви треба се вашите очи и прсти“.

Сепак, полицијата смета дека лажните валути се повеќе се пософистицирани. Имено, со употребата на новите компјутерски технологии, скенери и ласерските принтери, лажните пари се се потешки за откривање. Европол соопшти неодамна дека во текот на оваа година затворила 12 фалсификаторски работилници, две од нив надвор од еврозоната. Притоа, се наведува дека такви работилници имало во Бугарија, Србија и Полска.

Експертите со совет: секој кој ќе прими фалсификувани евра да не подлегнува на искушението да се обиде да ги менува натаму. Според законот, оној кој свесно употребува лажни пари е виновен за фалсификаторство:

„За жал, ако сте во ситуација кога сфаќате дека добивте лажни пари, секогаш е премногу доцна за да ги вратите. Тогаш најдобра работа е да ги предадете на полицијата“ – вели Аристел Мекалан од Европската банка во Франкфурт.
XS
SM
MD
LG