Достапни линкови

Политичките лидери се проблематично неефикасни во справувањето со стопанскиот криминал


Во Македонија досегашното искуство покажа дека ниту една власт нема капацитет да се справи со економскиот криминал, кој во голем степен постои во нашата земја – оценува Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии:

„Ако нема причини да се сомневаме во волјата на сите лидери на партиите, меѓутоа, нивната ефикасност е крајно проблематична. Релативизирањето на првите чекори што ги презедоа да ги идентификуваат и да ги гонат носителите на корупцијата од претходната коалиција, која може да се рече дека беше коалиција за корупција, наведува на заклучок дека сепак, ако не е исклучиво виновно судството – што во секој случај во голема мера е – тогаш престои период на натамошно разочарување на граѓаните на Македонија во готовноста на оваа власт да се бори доследно против корупцијата“

Според него, за да има ефикасна борба против овој вид на криминал, потребно е непристрасно и некорумпирано судство и додава оти:

„Прво треба да се идентификува дали судството до таа мера е корумпирано, што може да се види во односот кон некои познати имиња од претходната власт – нивното пуштање на слобода, земање кауции во огромни износи од странски средства, а никој не прашува од каде се тие средства, чии се и дали на нив е платен данок. А се даваат 500 или 350 илјади евра итн.“

Од друга страна, во Министерството за внатрешни работи велат дека токму бројката на поднесените кривични пријави говори за успешноста на борбата против економскиот криминал. Според нив, тоа се должи на добра соработка помеѓу надлежните институции:

„Кај нас сега се воведува принципот јавниот обвинител да биде известен во сите фази на подготвувањето на основаноста за сомневањата за сторени кривични дела. Истиот секогаш е запознат и дава конечно свое мислење – дали материјалните докази што ги добива се доволни за поднесување на кривична пријава. До денес немаме отфрлање на кривична пријава, а тоа е резултат на тоа што претходната подготовка е добра и солидна со јавниот обвинител. Исто така, за добрите резултати ни погодува и соработката со останатите институции, како што се Царинската управа, Управата за јавни приходи, Дирекцијата за перење на пари и Државната комисија за спречување на корупцијата“ – вели Трајче Шеќеровски, заменик државен подсекретар за криминалистичка полиција во МВР.
XS
SM
MD
LG