Достапни линкови

Не верував дека мене може да ми се случи тоа - вели Љубомир Стојановиќ


Никогаш не помислував дека мене ова може да ми се случи – вели Љубомир Стојановиќ, 54-годишен таксист од Скопје:

„Претходно работев 24 години во Телефонмонтажа, која за моја несреќа се приватизира и административците ги пратија под биро. Така Што со 24 години и 7 месеци се најдов под бирото. После еден месец и мојата сопруга, која работеше во „Црвена Ѕвезда“, фабрика за чорапи, западна под стечај, така што во еден момент се најдовме двајца стечајци. Четворица дома без скршена пара“

Првите месеци од новонастанатата ситуација беа извонредно тешки –раскажува Стојановиќ:

„Да ви кажам, два месеца бев во таква депресивна ситуација, ниту јадев, ниту пиев, мислев дека е дојден крајот на светот. Не ми се веруваше дека сите мои замисли за тоа дека ќе дочекам пензија и мирен живот, дека моите деца ќе ме заменат на работата каде што јас работам, дека сето тоа се урна како кула од карти“

Сепак, депресијата и чувството на безизлез по извесно време ги замени борбата за опстанок. Не знам дали е до човекот или до сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа, но некои мои блиски се уште не можат да разберат како се нафатив да станам таксист – раскажува Стојановиќ.

„Јас немав друг избор, таксито го најдов како единствена шанса за преживување“

Работата е тешка, но јас сум задоволен:

„Лично мислам дека секој таксист може да си напише по едно мало романче со непријатности. Главно патниците бараат пари, се закануваат со сила, со ладно оружје... Тоа толку ме девалвира како човек и се чувствувам понижен. А страв воопшто не чувствувам, свесен сум дека со добар однос и најлошиот патник ќе остане само на тоа – да ми земе пари“

Од перспектива на сегашното работење од 12 часа, овој некогашен комерцијалист-административец сега поинаку ги гледа работите кои се подразбираа додека неговото работно време минуваше во канцеларија.

„Морам отворено да кажам дека сме немале повеќе работа од еден до еден и половина час дневно. Сето тоа било друго: завршување приватни работи, кафиња, телефони итн. Дури сега сфаќам дека ова е некоја вистинска работа, за разлика од администрацијата“
XS
SM
MD
LG