Достапни линкови

logo-print

Бавното судство го успорува и влезот на странскиот капитал


Кредитите што ги одобруваат комерцијалните банки во Македонија се со едни од највисоките каматни стапки во земјите во транзиција. Високите трошоци во работењето на банките, што подразбира превработеност и непотребно отворање на филијали во сите градови во државата, непрактикувањето во своето работење на останатите банкарски услуги, како и немањето конкуренција во банкарскиот сектор, се главните причини за ваквата ситуација.

„Во современото банкарство, над 50 отсто од износот на приходите е од банкарски услуги. Кај нас е тоа од висината на каматите“ – е ставот на економскиот експерт проф. Тихомир Јовановски.

Додека во останатите земји хипотеката претставува еден од најсигурните инструменти за обезбедување, во Македонија тоа не е така. Комерцијалните банки располагаат со огромен број недвижен имот, или хипотека што не можат да ја реализираат поради бавното функционирање на правосудниот систем.

„Ние се уште немаме адекватен систем за правно регулирање на хипотеките“.

Тука се јавува и следниот проблем: со оглед на нефункционирањето на правната држава Македонија не е привлечна за влез на странски партнери кои ќе влијаат во намалувањето на каматните стапки на кредитните пласмани.

„Тие и како банкарски систем и како стопанство не се на тоа ниво да создадат услови да можат странските банки да се вклопат. Ако некои банки доаѓаат, доаѓаат со други цели – или за перење на пари, или за брзо збогатување“.

Во магичниот круг на високи каматни стапки банките не се одлучуваат за нивно намалување поради фактот што тие претставуваат главен извор на приходи за банката. Во ваква констелација на банкарскиот систем, доколку банките се одлучат да ги намалат каматните стапки, тие автоматски ќе го доведат во прашање и своето опстојување, тврди Јовановски:

„Ако дојде до нагло паѓање на каматните стапки, посебно на кредитирањето, тогаш ќе дојде до она што се случи и во корпорациите, ќе дојде до ликвидација“.

Само како за пример: ако просечните каматни стапки за кредитите што ги одобрувале македонските банки за месец јуни изнесувале 17,25 проценти, каматните стапки на кредитите на словенечките комерцијални банки се само 5 проценти. Или, најдолгиот временски период за кој се одобруваат кредити кај македонските комерцијални банки, изнесува 10 години, додека кај словенечките овој период е 30 години.
XS
SM
MD
LG